„Денеска не победија студентите туку победи една тесна клика на студенти околу СДСМ и нивни омилени студентски лидери кои го прифатија тоа што едноставно не го ни бараа затоа што не добија ништо“, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, во вечерашното гостување во дебатната емисија „24 Анализа“ на Телевизија 24.
Стојаноски додаде дека реакцијата на студентите почнала во петокот кога го виделе законското решение, заради тоа што на 10.10.2022 година е поднесен закон за студентски оброк каде наместо сегашните 40-тина илјади студенти можеа да го добијат само 2 или 3 илјади студенти.
„Што добија денеска студентите? Студентите добија продолжување на рокот за студентски оброк до март 2023 година, нешто што и консензуално беше кажано дека сите заедно ќе го поддржиме, но не добија покачување на сумата за оброк од 120 на 160 денари како што баравме ние“, рече Стојаноски.
Тој посочи дека ВМРО-ДМНЕ на 02.11.2022 година поднесе законско решение за зголемување на сумата на студентски оброк.
„Ние на 02.11.2022 година од аспект на нашите антикризни мерки поднесовме ново законско решение за субвенциониран студентски оброк каде што велиме дека треба да се продолжи рокот и категорија на опфат да остане иста, но наместо 120 денари треба да биде 160 денари заради тоа што во државата има инфлација од 20 проценти и покачување на цената на храната од 30 проценти“, изјави Стојаноски.
Стојаноски потенцираше дека присуството на денешната средба на Ковачевски со студентите е изнудено и лицемерно.
„Присуството на Ковачевски на денешната средба беше изнудено. Лицемерно е неговото присуство заради тоа што ако кажувате дека се грижите за студентите и сте искрен во намерата тогаш зошто во предлог буџетот за наредната година се кратат 140 милиони денари од студентите за студентски стандард“, вели Стојаноски.
извор: ВМРО ДПМНЕ