Спојување на работни места и трансфери на вработени, затворање на агенции, откази за директори, креирање на дигитална агенција – ова се само дел од реформите коишто се предвидени за администрацијата, која што во наредниот период треба да помине процес на сериозна трансформација, согласно стандардите на ЕУ. Целта е земјата да добие поефикасна, отчетна и поефикасна јавна администрација, објави DW.
Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, најавува дека неколку институции и агенции ќе бидат споени во едно, бидејќи експертите констатирале дека вршат иста работа, поради што нема потреба да постојат две или три како досега. Некои од агенциите ќе се затворат, односно ќе бидат трансферирани како сектор во некое друго министерство.
„Експертите констатираат дека не мора да има некоја агенција со седум члена на управен одбор и директор, односно само администрацијата е битна во таа агенција. Има и случаи каде, на пример во Министерството за информатичко општество и администрација, ќе креираме нова институција – дигитална агенција“, вели Алити. Во оваа агенција ќе бидат префрлени дел од вработените во администрацијата.
Алити најавува дека ќе има намалување на бројот на директори и на членови на управни одбори, но не и на административците. „Тие ќе бидат трансферирани, ни еден вработен нема да биде отпуштен од работа, бидејќи посебно во централната власт имаме дефицит на вработени“, дециден е министерот.
Но, дел од директорите во 2024 година, за кога е планирано згаснувањето на дел од агенциите, ќе ги изгубат работните места. Така на пример во план е да згасне Инспекцискиот совет, за кој експертите задолжени за реорганизацијата на администрацијата, сметаат дека нема потреба да постои како посебен орган на државната власт.
Исто така МАРнет – Македонска академска истражувачка мрежа, која има надзорен, управен одбор и директор, е во план да се префли во рамките на Министерството за образование како посебен сектор.
Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата не Европската Унија, посочува дека ефикасни државни институции се од клучна важност за развојот на секоја земја и особено за испораката на услуги на граѓаните. Тие, исто така, ќе бидат од суштинска важност за напредокот на оваа земја на својот пат кон ЕУ.