Рита Ора, светски познатата пејачка со потекло од Косово, стана дел од ризницата на поштенските марки на Филателијата на Поштите на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Марка со ликот на Рита Ора ќе биде пуштена во поштенски промет в сабота, 26 ноември, на роденденот на големата албанска и британска уметничка.
„Во периодот од над 10 години на врвот на меѓународната музичка и уметничка сцена, ја користеше секоја можност, благодарение на стекнатата слава, да ја промовира својата родна земја, Косово, како и целиот албански народ“, се наведува во соопштението на Поштите на Косово.
По повод пуштањето во промет на оваа поштенска марка, извршната директорка на Пошти на Косово, Факете Кадиу, ѝ изрази благодарност на Рита Ора.
„Чест е за Пошти на Косово да ѝ оддадат почест на Рита Ора. Таа со своите песни, настапи и величествени концерти ни даде толку убави моменти и бескрајна гордост. Нека оваа прекрасна марка биде и симболичен подарок на Косово на нашата пејачка, на овој посебен ден за неа, за нејзиниот придонес за нашата земја и нашата нација“, рече Кадиу.
Во текот на својата богата кариера, Рита Ора е наградувана и почестена со престижни награди на меѓународната сцена, во Косово и Албанија.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).