Во ОУ „Христо Узунов“ денес беше пуштено во употреба мултифункционалното спортско игралиште, донација од Видеолотарија Касинос Австрија.
Видео лотарија во рамки на својот проект „Играј со најдобрите“ овозможи на неколку локации да имаме нови мултифункционални игралишта. Ова е петто по ред во Македонија, а донацијата изнесува 3 300 000 денари, истакна на свеченоста Вики Чадиковска, маркетинг директор на Видеолотарија Касинос Австрија.
– Со оваа донација овозможивме да се направи нова подлога, да се обезбедат спортски реквизити и на тој начин да им овозможиме на дечињата да го изградат својот спортски дух во рамки на своите училишни обврски, но и надвор од овие обврски. Во Свети Николе е отворено првото вакво игралиште што го носи името на нашето заштитно лице Кирил Лазаров, следуваа игралиштата во Битола, Гевгелија, Лојане и ова сега во Охрид. Ќе имаме уште многу затоа што сакаме да го градиме спортскиот дух да помогнеме младите да имаат вистински мотив и вистински идоли со кои ќе ни овозможат во иднина да се радуваме на нивните спортски подвизи што ќе ги постигнуваат, потенцира Чадиковска.
Изразувајќи благодарност за донацијата, директорката на училиштето, Марина Ѓоргоска, подвлече дека ОУ „Христо Узунов“ е пример како треба да се развива и унапредува воспитно – образовниот процес, но и како треба да се негува спортскиот дух како важен дел од развојот на младите.
– Токму овде на ова игарлиште учениците ќе спортуваат, ќе се рекреираат, ќе учат да ги почитуваат правилата, ќе се дружат, ќе се натпреваруваат и унапредуваат. Секој од нас се радува на нивните спортски успеси и сме поддржувачи на нивните спортски натпревари. Нашата цел е да има добри услови, тие претставуваат пример и поттик како треба да се развива и унапредува спортот, преку изградба на повеќе вакви мултифункционални игралишта, додаде Ѓоргоска.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на отворањето истакна дека оваа донација е дел од заложбата и определбата на локалната самоуправа за вложување во спортската инфраструктура во градот и се надева на соработка со Видео лотарија и во иднина.
-Во тек имаме неколку инфраструктурни објекти поврзани со ова и оваа донација претставува еден вид на соработка што се надевам дека ќе продолжи. Условите што ги созададовме, како со ова игралиште така и со спортската опрема во ова училиште, ќе биде само почеток, односно пример како ќе ги развиваме понатаму и останатите основни и средни училишта. Ве уверувам дека како локална власт во иднина ќе вложуваме во образованието и спортот, бидејќи тоа се двете најважни работи за правилно подигање на нашите деца, рече Пецаков.
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес