Пренџов: Буџетот треба веднаш да се повлече и да се доработи, СДСМ на митинзи вели дека ќе имаме 2.3% економски раст, а во Собрание се гласа 2.9%

„Јас би сакал нешто да отворам во јавноста за првпат оваа вечер, а тоа е бројката, она што е првичната бројка врз која се прави потоа целиот буџет, а тоа е бројката на растот на БДП. Она кое што нас ни е сервирано во Собранието, а е јавно достапен документ и до вас медиумите, а тоа е дека ќе имаме 2.9% раст на БДП, и од оваа бројка потоа се прават и приходни и расходни страни во економијата. Ние имавме прес конференција во петокот во која што зборувавме за јавниот долг, СДСМ возврати со релативизирање и се повикуваа на ЕБОР, каде што ЕБОР ни предвидува 2.3% економски раст. И тоа го направија на прес конференција“, истакна Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на Коалицијата за „Обнова на Македонија“ при гостување во емисијата „24 Отворено“.

Пренџов додаде дека истиот тој ден заменик претседателот на СДСМ, Лукаревска кажа дека следната година ќе биде нова година, нова надеж, а проекциите на ЕБОР се 2.3%. Дури и Лукаревска се повика на податокот на ЕБОР, 2.3% економски раст. Исто така ова се случува и кога Ковачевски при средба на граѓани вели дека Македонија следна година ќе има економски раст од 2.3%.

„И тука се поставува прашањето ако пратениците не убедуваат во Собранието дека ќе имаме 2.9% раст на економијата и затоа гласаат, а истовремено сите тие пратеници кога слушаат дека ќе имаме 2.3% на митинзи на СДСМ и аплаудираат на тоа имаме сериозен проблем. Ние тука имаме сериозен манипулативен Буџет кој што веднаш треба да се повлече од Собранието и да се доработи, за да имаме вистински проекции и да знаеме што гласаме. Овака пратениците се доведуваат во заблуда“, нагласи тој.

Пратеникот се осврна и на непродуктивните трошоци на власта.

„Знаете што е непродуктивен трошок? Непродуктивен трошок е кога во ставката на Влада на Република Македонија договорни услуги имате 656 милиони 620 илјади. Во нив имате уште 29 милиони 125 илјади други тековни расходи, и уште привремени вработувања 10 милиони, плус плати за администрација. Имате 15 милиони евра за советници кога ќе нмеата работа, ама 160 денари за студенти да им дадете немате. Е, ова се непродуктивни трошоци“, истакна Пренџов.

Пренџов додаде дека власта зборуваше за антикризни мерки, но граѓаните не им веруваат на тоа. Бидејќи во 2020-тата година и 2021 година кога говореа дека потрошиле околу милијарда и 150 милиони од државниот Буџет да помогнат на стопанството и на граѓаните, тие манипулираа. Државен завод за ревизија следната година кога влезе по институциите да види што се случувало за време на короната покрај тоа што констатираше дека имало профитерство на одредени директори во време на пандемијата, исто така констатираа дека помош од страна на државата кон граѓаните и стопанството е околу 280 милиони, а власта убедуваше дека е милијарда и 150 милиони.

„Капиталните расходи ако ги зборуваме како апсолутна бројка на Буџетот 5 милијарди и на Буџетот од 2 милијарди не се исти. Затоа ова се официјални податоци како процент/удел, на пример во 2014-тата биле 55.8% удел, 2015-та биле 58%, 2016-та биле 59%, а сега имаме 2022 година 31%, 2021 биле 26% и сега се планира со Ребаланс за 2023 година да бидат 20.6% од уделот“, укажа пратеникот.

Пратеникот посочи дека на први јуни долгот во 2017-тата година беше 4.7 милијарди евра. А, со овој Буџет кој што го планира власта до крајот на следната година долгот на Македонија ќе биде 8.5 милијарди евра. Оваа Влада ќе ја задолжи Македонија колку сите Влади од независноста до 2017-та година.

„Откога СДСМ е на власт, од први јуни 2017-та година до ден денешен потрошиле 20 милијарди и 370 милиони евра и ако ги ставиме овие 5.3 доаѓаме до речиси 26 милијарди потрошени буџети на оваа Влада“, укажа тој.

извор: ВМРО ДПМНЕ