Познатиот индонезиски остров Бали го нуди најдоброто и најскапото кафе во светот, познато како „Копи Лувак“ или кафе „Лувак“, направено од зрна добиени од необичен извор: изметот на мал локален цицач, малајската куна или азискиот палмин цибет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ни Кетут Будијани, која работи во локалната плантажа за кафето „Лувак“, за Агенција Анадолија го раскажа процесот на правење на ова необично кафе.
„За да се подготват зрната, обично е потребна една недела, во зависност од временските услови“, рече Будијани. „Ако не врне, процесот за кафето „Лувак“ трае една недела.“
Крајниот резултат е многу подобар кога зрната се промиваат под сјајна сончева светлина и ведро небо. Но ако се појават дождовни облаци, тие може да се исушат во затворен простор, иако тоа влијае на вкусот на напивката.
Дел од она што ова „специјално кафе“ го прави уникатно е начинот на кој зрната се собираат од дивината – преку изметот на необичното животно цибет, кое личи на мачка и кое ги јаде плодовите кои ги содржат зрната кафе. Изедените плодови, кои висат од гранките на дрвјата, во текот на ноќта ги ферментира и ги исфрла од својот дигестивен систем до утрото.
„Навечер одат кај растенијата на кафе, ги избираат бобинките, ги голтаат и ги обработуваат во стомакот. Кога го јадат, го соџвакуваат плодот, а не зрното на кафето внатре. Тие го јадат црвеникавото до светлокафеаво овошје, а зрното го исфрлаат преку нивниот измет“, рече таа.
Откако ќе излезат од дигестивниот систем на животното, зрната кафе се мијат во топла вода и се варат одредено време.
Варените зрна се оставаат да се исушат – по можност под сонце. Откако ќе се исушат, се отстранува тврдата кора од семето и зрното кафе се вади однатре.
„Потоа [зрната кафе] повторно ги чистиме со топла вода и завршуваме со сушење и печење“, додаде Будијани.
Се смета дека дигестивните ензими на животното ја намалуваат киселоста на зрната кафе, со што се добива кафе со уникатен вкус и арома.
Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).