Приватните превозници со 200 автобуси го блокираат булеварот Илинден од пред Владата до крстосницата кај МИ-ДА, каде што се наоѓа Градското собрание. Според најавата на Ленин Јовановски од „Слобода превоз“, приватните автобуси на овој превозник, како и на „Макекспрес“ ќе го блокираат сообраќајот на десната лента од булеварот, поради незадоволство од неисплатениот долг од 1,3 милиони евра од страна на Јавното претпријатие.
Министерството за внатрешни работи информираше дека СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на булеварот „Илинден“ поради протестот од приватните превозници во раните утрински часови. Посебен сообраќаен режим ќе има од крстосницата на бул „Илинден“ со бул. „Св. Климент Охридски“ до крстосниците со бул. „8 Септември“ и околните улици.
Од Град Скопје ги повикаа „Слобода Превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува. „Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на „Слобода Превоз“. Со уцени, нема договор“, порачаа од Град Скопје.
Радикализирање на протестите
Доколку не им се излезе во пресрет на нивните барања, приватните превозници за в понеделник најавуваат дека ќе ги блокираат и раскрсниците кај Мавровка, Црвен Крст и ул. „Илинденска“.
Дојче Веле