Пензиониран доктор од Теарце спаси живот благодарение на брзата интервенција

0
320

Во тетовско Теарце, изминатата недела работник кој паднал од бандера, ја скршил ногата и имал потрес на мозокот. Првата помош, а со тоа најверојатно и спасен живот, добил од пензиониран лекар, кој пак вели дека и понатаму волонтерски ќе помага на сите луѓе при секакви прилики. Доктор Абдулџелал Есати, познат по прекарот како доктор Џеки, вели дека кај него пензионерскиот статус не ја променила Хипократовата заклетва и затоа секаде и на секому ќе се најде да помогне, објави biznisvesti.mk.

Доктор Есати живее во Теарце, па тоа што го повикале и веднаш дошол по инцидентот во голема мера помогнало повредниот да се соочи со помали последици, односно тој веднаш ја имобилизирал скршената нога и ги повратил виталните функции кај работникот.

При помогањето на повредениот паднат од бандера, тој вели дека добра околност била што веднаш нашол вена на раката за да му даде инфузија за да се поврати од дезориентираноста и шокот во кои се нашол по пад од шест метри.

Со себе секогаш носи опрема и затоа имал можност веднаш да му помогне на повредениот. Куферчето со медицински апарати и опрема му стојат подготвени во неговиот автомобил.

Тој иако добил благодарност од докторите од Итната медицинска помош за брзата интервенција и санација на повредите, скромно вели дека доктор не може да спаси живот.

– Доктор не може да спаси живот. Доктор може да разубави живот, во конкретниот случај тоа се случи. Не можам да се фалам дека сум спасил. Се надевам дека сум помогнал. Имало и среќа затоа што тоа бил пад од висина од шест метри со се бандерата. Имал среќа што со главата паднал на трева, на меко, но сепак поради падот, тоа е голем потрес на мозокот, дезориентиран беше, со витална константи на крај, или да го опишам беше како риба во песок. Рибата ако не ја вратите во вода се знае што ќе случи. Друг бенефит е кога повредените или блиските видат лекар во близина, се подига моралот и после е лесно, истакна доктор Есати.

Иако е пензионер, вели нема да прекине со безрезервната помош каде што ќе го повикаат.

Тој специјализирал на Воено-медицинска академија (ВМА) во Белград, а поминал вкупно 36 години на работа.

извор: biznisvesti.mk.