Не признаваат вина и не ги сториле делата, кажаа обвинетите за пожарот во модуларната болница

Обвинетите – директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице, по прозивката на судијата, истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат
Во Основниот суд во Тетово денеска почна судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово што се случи на 8 септември минатата година, а во кој животите ги загубија 14 лица, а десетина беа повредени.

Рочиштето траеше околу два часа, по што беше презакажано за 27 декември.

Обвинетите, директорите на тетовската болница Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице по прозивката на судијата, истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина за кривичните дела кои им товарат.

До прекин на денешното рочиште, како што јави МИА, дојде поради несогласување на бранителите на сите обвинети околу презентацијата на доказите од страна на Обвинителството. Тие бараа обвинителот да ги чита сите докази, наместо, како што рекоа, да ги цитира само насловите. Воедно имаа забелешка дека дел од насловите не се содржани во листата на докази кои како Обвинителство ги доставиле до Судот.

 

МИА