Јане Ченто и Игор Југ откако предлогот за амнестија не помина во Собранието: Кажете и на мајка ми нека не жали, оти ние сепак ќе победиме!

Откако беше одбиена иницијативата за ставање на предлог законот за амнестија на осудените за „27 април“ на дневен ред во Собранието, со реакција се јавија и неколкумина осуденици. Игор Југ во врска со ова напиша:

„Им благодарам на Драган Стари Пешевски и на Јанаки на идејата и иницијативата!
Им благодарам на сите пратеници кои гласаа ЗА!
Оние кои гласаа против имаат свои причини кои не сакам да ги анализирам. Животот е круг, еднаш и за некој кој на нив им е мил, а можеби и за нив лично ќе треба да се гласа…
Им благодарам на оние кои искрено не поддржуваат и ја посакуваат нашата слобода, бидете благословени луѓе!
Посебно ќе се осврнам на оние кои лицемерно ќе лајкуваат на овој пост, а во длабочината на својата расипана душа посакуваат никогаш да не излеземе од затвор и на кои сето ова што се случува во Македонија изминативе 6 години им оди на рака и им одговара на нивните лични интереси и на интересите на центрите на моќ на кои им ја имаат продадено душата за грст сребреници.
Прочитани сте како буквар, тоа што не ве терам директно у … е затоа што сакам да видам до каде ќе терате за да станете “некој и нешто” и финансиски да се осигурате. Засега гледам дека имате огромен капацитет на тоа поле!
Само знајте едно : Сите стари удбаши душа испуштале врескајќи како јариња и барајќи свештеник да ги исповедаат тоните грев кои ги имале на душата, сите лицемери по професија поминувале исто. И вие така ќе завршите, а се она што сте го заработиле со лицемерје и кодошлук, ќе ви го трошат други.
Животот бргу поминува, а личен избор е дали ќе го проживееш како човек или како лебарка!“

Јане Ченто се огласи со мисла на Кочо Рацин:

„Кажете и на мајка ми нека не жали, оти ние сепак ќе победиме!“

извор: ФБ