Груби од Тирана: Градиме автопат со 6 ленти од Скопје до Ќафасан, со што растојанието помеѓу Скопје и Тирана ќе се намали на 2,5 часа, Скопје и Валона на 3 часа

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби денес во Тирана го потпиша „Договорот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија за развој на инфраструктурни проекти, логистичка безбедност и ефикасност на транспортот на стоки меѓу двете земји“.

Во ова прилика, Груби одржа пригоден говор пред присутните.

Дозволете ми во името на Владата на Република Северна Македонија да ви честитам за оваа иницијатива, за оваа инвестиција која претставува иновативна и модерна димензија во нашите простори. Овој проект ги надминува димензиите на еден национален проект, тој е проект од стратешко значење за развојот на Западен Балкан, истакна меѓу другото Груби.

Во продолжение целосниот говор:

Задоволство ми е да бидам денес меѓу вас за да сведочам и да бидам дел од иднината преку еден креативен, современ и транспарентен пристап од страна на Владата на Република Албанија, овој пат преку мега проектот за пристаништето во Драч, исклучително значаен проект за албанската економија и туризам, но и со значително влијание врз економскиот развој на мојата земја.

Дозволете ми во името на Владата на Република Северна Македонија да ви честитам за оваа иницијатива, за оваа инвестиција која претставува иновативна и модерна димензија во нашите простори. Овој проект ги надминува димензиите на еден национален проект, тој е проект од стратешко значење за развојот на Западен Балкан.

Уште повеќе, тежината на овој проект кој вие почнувате да го реализирате во однос со мојата земја, го зголемува проектот кој е главен приоритет на Владата на Република Северна Македонија, изградбата на патниот и железничкиот дел од Коридорот 8 што ќе го олесни и модернизира движењето на моите сограѓани до просториите на пристаништето во Драч, но и до Албанија воопшто.

Два големи проекти, инвестиции кои ќе останат во служба на идните генерации и кои уште повеќе ќе ја зацврстат нераскинливата врска меѓу граѓаните на нашите две земји и меѓу земјите од Западен Балкан.

Да поедноставиме, градиме автопат со 6 ленти од Скопје до Ќафасан, со што растојанието помеѓу Скопје и Тирана ќе се намали на 2,5 часа, Скопје и Валона на 3 часа. За максимално искористување на пристапот до пристаништето, планираме да ја започнеме и железничката врска Скопје – Кичево – Поградец – Драч. Во јануари ги спојуваме двете гранични контроли во една, со цел конечно да ги отстраниме границите меѓу нас. Ја градиме и интерконективната енергетска врска меѓу нас со два проекта, трафостаница во Охрид и високонапонска врска Битола-Елбасан.

Почитувани,

Бројни се скептиците кои не веруваат во реализација на проектите што ги имаме започнато за да бидеме заедно, за да ги отстраниме границите меѓу нас, бројни се и ќе бидат оние кои ќе се обидат да направат опструкции, да ја потценат нивната тежина, но наша должност е да продолжиме со работа размислувајќи за идните генерации и за она што можеме да им го оставиме денес како наследство и основа за здрава иднина.

Една новост за која разговаравме со премиерот Рама на заедничката седница меѓу нашите две влади беше изградбата на суво пристаниште во градот Струга, нова и креативна димензија на комуникација која несомнено ќе придонесе за зајакнување на трговската размена меѓу нашите земји и е составен дел од изградбата на новото пристаниште Драч.

Дојде денот оваа искажана идеја да ја формализираме денес со потпишување на договорот за нејзина реализација. Нека се множат заедничките проекти меѓу нашите земји!

Би сакал да им се заблагодарам на премиерот Рама и на албанската влада за нивната великодушност, подготвеност и решителност да го споделат пристапот до пристаништето со Северна Македонија и Косово.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да ви честитам за посветеноста и проектирањето на еден ваков проект до импресивни детали, посакувајќи ви успешна работа во неговата реализација!

извор: Влада