Националните паркови „Маврово“ и „Шар Планина“ дел од најголемата заштитена зона во Европа

Националните паркови „Маврово“ и „Шар Планина“ ќе станат дел од најголемиот прекуграничен парк во Европа, заедно со Паркот на природата „Кораб-Коритник“ во Албанија и Националниот Парк „Шари“ на Косово.

Министерот за животна средина Насер Нуредини, заедно со колегите од Албанија и Косово, Мирела Кумбаро и Либурн Алиу викендов, по повод Меѓународниот ден на планините, во Тирана го потпишаа договорот за создавање на најголемата заштитена зона со површина над 242.000 хектари, што треба да обезбеди прекуграничен развој на природен туризам, заедничко управување со регионот и промоција на посебно природно и културно наследство преку границите. Управниот одбор на заштитеното подрачје ќе се формира во рок од три месеци, кога треба да започне и проектот.

Според министерот Нуредини, поврзувањето на трите земји и заштитените подрачја треба да обезбеди одржливо управување и создавање нови можности за социо-економски развој на локалните заедници.

„Природното прекугранично поврзување на Маврово и Шар Планина со Кораб-Коритник и Шари отвара нови можности за поголема заштита на флората и фауната, подобро справување со илегални дејствија, подобро мониторирање, поголеми можности за развој на еко-туризмот и алтернативните форми на туризам, размена на добри практики и искуства, заштита и промоција на културното и природното наследство, како и поголема атрактивност и зголемен интерес на меѓународните донатори и инвеститори“, изјави министерот Нуредини.

За министерката Кумбаро овие зони служат како еколошки коридор, во кој се сместени голем број значајни видови растенија и животни, не само на регионално ниво, туку и на европско и меѓународно ниво, како што е европскиот зелен појас.

 

meta.mk