Дали жените се дарежливи со платите: ,,ПАРИ” открива колкави плати давале 10 дами

Во првите 10 фирми по добивка (со исклучок на една, за која нема податоци) што се стопроцентно управувани од жена, во 2021 година работеле 1.666 работници, што е повеќе отколку во 2020 година, кога имало 1.557 работници. Во овие 10 фирми, лани просечната добивка на секоја поединечно била над 2,4 милиони евра, а просечната нето-плата за 9-те компании за кои има податоци била 43.282 денари. Но, распонот на просечните плати се движи од 22.364 денари до 127.121 денар. Така, највисоката плата значително го крева просекот.

 

Анализата на платите на 9-те најпрофитни компании стопроцентно управувани од жена, што ја направи Пари со податоци од платформата Бизнис Мрежа.мк, покажува дека во пет компании просечната нето-плата е поголема во 2022 отколку во 2021 година, а во четири е помала. Зголемување на платите има во: Биотек, Стокомак, Пуцко петрол, Автонова и Камчев груп. Намалување на платите има во: Металопромет, Старкон шипинг, Синерџи медикал и Рамстор Македонија.

 

ВО ЕКОТ НА ПАНДЕМИЈА, БИОТЕК ГИ ДУПЛИРАШЕ ПЛАТИТЕ

 

Најголем скок има кај платата во Биотек ‒ од 52.532 денари на 127.121 денар просечна нето-плата. Но, да потсетиме, Биотек во 2021 година правеше и ковид-тестови. Пандемијата почна во 2020 година, а цела 2021 година беше тешка пандемиска година и многу граѓани се тестираа токму во лабораторијата Биотек.

 

Биотек е управувана од Анкица СинадиноваБазерко. Како што веќе пишуваше Пари, Биотек е и на самиот врв по добивка во друштвото на компании стопроцентно управувани од жена.

 

Според листата што ја објавивме (https://pari.com.mk/10-damiuspeshnopravatdobivkilanskiotzaednichkiprofitimbil-24-milionievra/) на второ место по добивка е Стокомак, но газдарицата Ѓурѓа Георгиева не давала толку високи плати за да се најдат на второ место по висина на просечна нето-плата. Со просек од 22.885 денари, платите на 563 вработени во компанијата се на деветтото место на листата ТОП 10 компании по добивка стопроцентно управувани од жена. Да потсетиме, просечната нето-плата во Македонија во 2021 година беше 28.718 денари. Тоа значи дека во компанијата на Георгиева имало подпросечен просек.

 

Трета по добивка, а осма по плати е Пуцко петрол, во која, како што пишувавме, за изненадување, како управител се јавува Божанка Грозданова, а не Асмир Јахоски, кој ја наследи компанијата од својот татко Исмаил Јахоски, познат бизнисмен, кој своевремено беше и градоначалник на Општина Пласница.

 

Во Пуцко петрол има 183 вработени, а просечна плата е 23.364 денари, што значи дека и таму просекот бил под републичкиот.

 

Металопромет лани се доближил до републичкиот просек во однос на платите. Таму просечната нето-плата изнесувала 28.299 денари, или околу 400 денари под републичкиот просек. Во компанијата имало 61 вработен, а управител е Маја Шапковска, на која бизнисот ѝ го предаде татко ѝ, Мите Шапковски.

 

Автонова е на петто место по добивка меѓу компаниите управувани од жени. Таму на чело е Жаклина Бошева, и таа успеала во компанијата да даде просечна нето-плата за 2021 година над републичкиот просек. Во ова компанија лани имало 45 вработени, а нето-просекот бил 32.581 денар.

 

ТРАНСПОРТОТ СТРАДАШЕ, СТРАДАА И ПЛАТИТЕ, НО ЗОШТО СТРАДАА И КАЈ МЕДИЦИНСКИТЕ МАТЕРИЈАЛИ?

 

Старкон шипинг е официјален подагент на COSCO SHIPPING LINES (Грција) и е одговорен за регионот на Северна Македонија, Албанија и Косово. Управителка на компанијата е Јулијана Црвенковска, која, исто така, лани изменаџирала надпросечни нето-плати во однос на републичкиот просек. Таму просечната нето-плата на 9-те вработени била 29.338 денари, но е значително помала отколку во 2020 година, кога просекот бил 38.045 денари. Ова не е за изненадување, ако се земе предвид значително намалената деловна активност во 2021 година, со нагласени прекини на синџирите за снабдување.

 

За изненадување е што во компанијата Синерџи медикал, која е од дејноста медицински материјали, во екот на пандемијата се намалиле платите. Имено, таму просечната нето-плата во 2020 година била 68.996 денари, а во 2021 година изнесувала 65.621 денар. Бројот на вработени, пак, се зголемил за еден. Имено, во 2020 година имало 10, а во 2021 година 11 вработени.

 

Со Камчев груп стопроцентно управува Татјана Камчева-Лазаревик. Како што пишувавме, добропознатиот трговски ланец КАМ, си има своја посебна сметка, а и таму во менаџирањето е Камчева-Лазаревик. Камчев груп има само 10 вработени (во 2021 година), а просекот на платите бил 38.039 денари, односно над републичкиот просек.

 

На 10-то место по добивка меѓу фирмите стопроцентно управувани од жени е Рамстор Македонија. Управител е Даниела Адемоска, сопруга на познатиот бизнисмен Ајдован Адемоски, од минатата година сопственик и на Рамстор. Лани просечната нето-плата во Рамстор била 22.294 денари, за жал, за околу 1.500 денари пониска отколку во 2020 година, кога компанијата беше во сопственост на подружницата Рамсторе Бугарија ЕАД.

 

ТОП 10 НАЈПРОФИТНИ ФИРМИ УПРАВУВАНИ ОД ЖЕНА: ДОБИВКИ, ПЛАТИ, ВРАБОТЕНИ

КОМПАНИЈА

ДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА (ВО ЕВРА)

ПРОСЕЧНА НЕТО-ПЛАТА ВО 2021 ГОДИНА (ВО ДЕНАРИ)

ПРОСЕЧНА НЕТО-ПЛАТА ВО 2020 ГОДИНА (ВО ДЕНАРИ)

ВРАБОТЕНИ ВО 2021 ГОДИНА

ВРАБОТЕНИ ВО 2020 ГОДИНА

БИОТЕК

3,7 милиони

127.121

 52.532

56

54

СТОКОМАК

3,6 милиони

22.885

21.526

563

492

ПУЦКО ПЕТРОЛ

3,59 милиони

23.364

22.285

183

183

МЕТАЛОПРОМЕТ

3,13 милиони

28.299

28.415

61

60

АВТОНОВА

2 милиони

32.580

31.929

45

42

МАГНА ЕУРОПЕ

1,9 милиони

Нема податоци

Нема податоци

Нема податоци

Нема податоци

СТАРКОН ШИПИНГ

1,66 милиони

29.338

38.045

9

7

СИНЕРЏИ МЕДИКАЛ

1,65 милиони

65.621

68.996

11

10

КАМЧЕВ ГРУП

1,59 милиони

38.039

31.648

10

8

РАМСТОР МАКЕДОНИЈА

1,37 милиони

22.294

23.825

728

701

 

Целата анализа е достапна на: ПАРИ