Најмалку две лица се убиени во пукање во неделата доцна вечерта во центарот на грчката престолнина Атина, а уште едно лице е рането, пренесуваат грчките медиуми.
Според телевизијата ERT1, инцидентот се случил во кафуле на централниот атински плоштад Неа Смирни, во моментот кога во областа имало мноштво луѓе во вечерна прошетка. Очевидци изјавиле дека се слушнале најмалку пет истрели и дека се чини оти станува збор за класична егзекуција во пресметка меѓу криминални групи.
Напаѓач отворил оган од пиштол врз маж, со албанска националност кој починал на самото место. Во нападот бил ранет уште еден маж, на 42-годишна возраст, кој подоцна во болница им подлегнал на повредите. Ранета е уште една 35-годишна жена, за која властите велат дека веројатно не се познавала со двајца убиени мажи. Таа се здобила со сериозни рани, но е надвор од животна опасност.
Грчките медиуми, повикувајќи се на полициски извори, пренесуваат дека застреланиот 41-годишен Албанец бил поврзан со локалното криминално милје во Атина. Другиот загинат и ранетата биле, исто така, гости во кафулето, според истите извори.
Информативниот портал Newsbomb.gr истакнува дека сите изјави од очевидците укажуваат на тоа дека станува збор за пресметка меѓу криминални групи. Според информациите на Newsbomb.gr, жртвата, која била од албанско потекло, била надвор од кафулето кога се појавил напаѓачот и пукал во него. Напаѓачот застрелал друг гостин во кафулето, како и жена, која изгледа не ги познавала двајцата Албанци, наведува порталот.