Бесими потврди: Се планира данок за екстра профит

Фатмир Бесими, министерот за финансии, во денешниот разговор со Радио Слободна Европа потврди дека ќе има еднократно вонредно оданочување на големите компании. Данокот на екстра профит, по примерот на неколку други земји кои го воведоа во кризата, ќе се наплати кога ќе се добијат пресметките за приходите и добивките за 2022. Посебен зафат ќе има само кај оние кои оствариле за над 20 отсто поголема добивка оваа година во однос на просекот од претходните четири.

Дискусијата што сега се води со коморите е во однос на посебен, нов вонреден данок, а тоа е данок на дополнителна екстра добивка, што значи дека по примерот на другите земји, како Велика Британија, Италија, Унгарија, Хрватска итн, значи дури има и директива, препорака од земјите членки на ЕУ, земјите да оценат и да го користат тоа во вид на солидарност. Тоа што ние сега го дискутираме со стопанските комори е дека во последните четири години оние компаниите што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво и ќе се спореди нивната добивка во текот на 2022 година и делот што е остварен над 20 отсто во последните четири години, само тој дел ќе биде предмет на оданочување со овој нов данок, еднокатен, само за 2022 година, и нема да се повтори. Годините каде што немаат остварено добивка не се земаат предвид за оданочување. Ние сме во фаза на дебата и доколку наидеме на разбирање, иако секако ќе има реакции, може тоа да придонесе – изјави Бесими.

Министерот додаде дека во моментов со стопанските комори се води дискусијата за нов, вонреден данок на екстра добивка, по примерот на европските земји. Тоа, како што вели тој, значи дека ќе се оданочуваат екстра и големите.

Занаетчии, фризерници, мали трговци, семкарници, се само мал дел од бизнисите и дејности кои ќе мораат од следната година да плаќаат данок поради даночните промените кои се планираат во Законот за данок на добивка кој е веќе во Собрание.

Извор: Радио Слободна Европа