Празничните денови се мигови на среќа и радост кога заедно прославуваме со најблиските во топлината на нашите топли домови и на нашите трпези. Но, за жал не сите ја имаат таа среќа и привилегија. Во Македонија има семејства кои живеат во сиромаштија и без основните потреби за достоинствен живот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Пред месец и половина, моето семејство преку медиумите дозна за тешкиот живот на едно семејство во селото Градиште. Ова семејство на малите ангелчиња Ивана, Ангела, Јована, Јован и Велика живееше во импровизиран дом, трошна куќа без елементарни услови за живот. Таа слика не може да остави никого рамнодушен, а најмалку да гледаш дека тука во твојата татковина растат дечиња кои немаат спокојно и безгрижно детство. Тешката судбина на едно семејство не смее и не може да биде само туѓа судбина, таа треба да биде мотив секој од нас да направи колку може да донесе радост во нечиј живот.
Денес сум особено среќен што имав шанса да придонесам за малку среќа за ова семејство, да изградам дом заедно со хуманите луѓе кои помогнаа во оваа моја иницијатива. Успеавме со донации, но и со труд и работа за месец дена да изградиме нова куќа, нов дом за петте ангели да можат заедно да ја почувствуваат празничната топлина. Нема поголема среќа од тоа да ја видиш искрената детска насмевка и нивната чиста детска радост“ – посочи тој.
Мицкоски им се заблагодари на сите кои го поддржаа и помогнаа семејството Лазарeвски да доживее подобро утре.
„Ова не го правам за промоција, туку со срце и волја да ги повикам сите оние кои можат во овие тешки времиња да им помогнат на тие кои имаат помалку, да им подадат рака, да им го олеснат тешкиот живот и да им покажат дека хуманоста сè уште живее во сите наши срца. Да ја вратиме надежта, да покажеме дека не живееме само едни покрај други, дека сме заборавиле едни на други, туку дека сме тука на овој свет да бидеме едни за други. Нема цена со која може да се плати среќата и насмевката на овие добри луѓе“.
извор: ВМРО ДПМНЕ