Поранешниот кик-боксер Ендрју Тејт приведен во Романија поради истрага за трговија со луѓе

0
273

Поранешниот кик-боксер Ендрју Тејт и неговиот брат се приведени во Романија во рамки на истрага за наводна трговија со луѓе, пренесува Агенција Анадолија (АА)..

Тејт и неговиот брат Тристан кои се под кривична истрага од април, и уште двајца осомничени, се во 24-часовен притвор.

„Четворицата осомничени… формирале организирана криминална група со цел регрутирање, вдомување и експлоатирање на жени, принудувајќи ги кон создавање порнографска содржина наменета за специјализирани веб-страници за одредена цена“, истакнаа обвинителите од Одделот за борба против организираниот криминал.

Се додава дека инспекторите идентификувале шест наводни жртви кои биле сексуално експлоатирани од групата.

Портпаролот на Тејт за „Дејли мирор“ (Daily Mirror), изјави: „Во моментов не можеме да изнесеме детали во врска со наводните извештаи дека тие се приведени; сепак, Ендрју и Тристан Тејт имаат најголема почит кон романските власти и секогаш ќе помагаат на кој било начин.“

Властите ја искористиле објавата на Тејт на социјалните мрежи во која тој го исмејуваше романскиот синџир за пица, „Jerry’s Pizza“, за да потврдат дека тој е во земјата.

Овој потег уследи откако активистката Грета Тунберг одговори на твитот на Тејт, во кој тој се пофали со својата колекција на автомобили.

Тејт, контроверзен онлајн инфлуенсер, е блокиран од неколку платформи на социјални медиуми поради изразување екстремни ставови, вклучително и тоа дека жените имаат одредена одговорност доколку им се случи сексуален напад.

извор:Агенција Анадолија (АА)..

фото: Агенција Анадолија (АА)..