Уставниот суд ја „замрзна“ изградбата на бензинската пумпа на „Пуцко Петрол“ во Карпош

Уставниот суд поведе постапка времено да ги запре сите активности околу детален урбанистички план во Карпош каде што беше предвидено компанијата „Пуцко петрол“ да изгради бензиска пумпа. За изградбата на оваа бензиска пумпа, компанијата иако нема одобрение за градба ја тужеше општината Карпош и доби отштета од 2.5 милиони евра. Од конечната одлука на судот ќе зависи дали општината ќе се спаси од нови барања за милионски отштети.

Сите шестмина судии на Уставниот суд на денешната прва седница во 2023 година одлучија да се поведе постапка за Детален урбанистички план во Општината Карпош, според кој се предвидува изградба на бензиска пумпа во близина на хотелот „Александар Палас“. Уставните судии истовремено одлучија да воведат и времена мерка со која на Општината Карпош и се забранува да презема било какви активности околу овој ДУП.

Одлуката за овој план пред Уставниот суд ја оспори скопјанката Наташа Шурбановска која смета дека изградба на бензиска пумпа на оваа локација е спротивна со Генералниот урбанистички план.

Судија известител за овој предмет е Осман Кадриу, кој кажа дека неколку пати се предомислувал каква одлука да им предложи на своите колеги судии. На почетокот сметал дека судот не треба да поведе постапка, но потоа одлучил да предложи и алтернативна мерка, односно судот да поведе постапка, но и да побара експертско мислење.

Добрила Кацарска, претседателката на Уставниот суд рече дека нема никаква дилема дали треба или пак не треба да се поведе постапка по оваа иницијатива, затоа што очигледно е дека изградбата на бензиската пумпа во деталниот урбанистички план е спортивна на генералниот урбанистички план каде што за категорија Е, во која влегуваат и бензиските пумпи не е предвидено ниту еден ваков објект.

„Од каде Општина Карпош го црпи тоа право да предвиди бензиска пумпа во центарот на општината. Општина Карпош на најдрзок начин одлучува за нечии интереси. Јас воопшто немам дилема дали треба да се поведе постапка за оваа иницијатива“, рече Кацарска.

Денешната одлука да се донесе времена мерка и да се поведе постапка по оваа иницијатива беше само првиот чекор во одлуката.

Доколку судиите во понатамошната постапка одлучат да го укинат целиот ДУП тоа ќе значи дека општината повеќе нема да смее да издава нови дозволи за градба и планот станува неважечки. Ако, судиите, пак, одлучат да го поништат ДУП-от, тогаш сите одлуки поврзана со него ќе бидат неважечки и сите веќе издадени градежни дозволи ќе бидат поништени. Тоа го отвара патот за сите инвеститори да ја тужат општината и да бараат отштета.

„Пуцко Петрол“ за локацијата за бензиската пумпа доби 2.5 милиони евра отштета

Спорниот ДУП беше донесен во 2016 година кога градоначалник беше Стевчо Јакимовски. Локацијата за прв пат тогаш добува намена за изградба на бензинска пумпа. Иако, во Генералниот урбанистички план таму не смее да се гради таков објект бидејќи во близина треба да поминиува гасовод и е ризичен инфраструктурен потфат.

Истата година општината одлучува локацијата да ја понуди на јавна лицитација. На наддавањето учествуваат пет компании и победува „Пуцко Петрол“ кој го купува земјиштето за 2,5 милиони евра. Но, дозвола за градба на бензинска пумпа не бара, бидејќи МВР не смее да издаде согласност поради безбедносни причини.

Уставниот суд на иницијатива на граѓани на Карпош во 2018 година го укина Деталниот урбанистички план за делот од Карпош кај што треба да се гради бензинската пумпа на семејството Јахоски, бидејќи бил донесен во незаконска постапка.

Во 2018 година градоначалник е Стефан Богоев. Почнува постапка за повторно донесување на истиот ДУП. И тој како и неговиот претходник на локацијата на „Пуцко Петрол“ предвидува изградба на бензинска пумпа. ДУП-от беше усвоен дури во март минатата година, кога повторно на власт се врати Јакимовски. „Пуцко Петрол“ поведува судска постапка против општината за нанесена штета и бара да му се исплати отштета за очекувана добивка од 15 милиони евра.

Судскиот спор заврши лани во декември во корист на приватната нафтена компанија, но не ја добива бараната сума, туку општината е задолжена да исплати отштета од 2,5 милиони евра колку што платила за земјиштето.

Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко петрол“ е син на Исмаил Јахоски долгогодишен градоначалник на најсиромашната општина Пласница. Тој во медиумите беше познат како кралот на Пласница бидејќи 24 години беше на чело на оваа општина. На последните парламентарни избори Јахоски стана пратеник од редовите на ДУИ, а градоначалничката фотелја остана во неговото семјество и сега општината Пласница ја води неговиот брат Алија Јахоски.

Јахоски од 1993 година е сопственик и на синџирот бензински пумпи „Пуцко петрол“ и е меѓу првите компании со најголем број на добиени тендери од државата. „Пуцко Петрол“ во последните 10 години склучила тендери со државни фирми во вредност од над 100 милиони евра.

Во 2020 година, „Пуцко петрол“ купи уште едно земјиште во Карпош, на местото на поранешната фабрика „Алумина“ во Тафталиџе“, каде е предвидено да се изгради голем стамбен и деловен комплекс.

 

irl.mk