Димитрија Димов Чуповски е најистакнат организатор и афирматор на македонската национална мисла и револуционерна акција во последните години од 19-от и првите четири децении на 20-от век.. Тој е општественик и револуционер. Политичар и дипломат. Публицист и поет. Истражувач на македонското минато и култура. Картограф и етнограф. Лексикограф и филолог. Издавач и редактор.
Роден е како посмртче во с.Папрадиште, велешко, на 8 ноември 1878 година во семејството на Димо Пандов Чупоски, кој во папрадиште се доселил од с.Лазарополе. Рано го изучил молерскиот занает, и како молер за живот зараборувал во Софија, каде ноќе го посетувал Вечерното училиште на Македонската организација, каде и за прв пат се запознал со македонската народно-ослободителна кауза, од луѓе како Дамјан Груев и Петар Поп Арсов.
По извесно време оди во Белград каде работи како молер-печалбар, и ја користи приликата дополнително да се образува во Вечерното Светосавско училиште, каде во македонското ученичко друштво “Вардар“ се запознава со Крсте Петков Мисирков. Подоцна станува учител во Папрадиште и се вклучил во револуционерната македонска активност за што бил клеветен и прогонуван од пробугарски елементи – платени шпиони, па преку Романија бега во Санк Петербуг, Царска Русија. Така завршува неговата кратка учителска кариера и почнува неговата негова револуционерна, преродбенска и научна активност во насока на реализација на Програмата за македонска национална преродба.
Во Русија најпрвин завршува духовно училиште, а потоа се запишува на Петерсбуршката духовна академија. При уписот се декларирал како Славомакедонец со турско државјанство, што било редок случај, во тоа време некој така да се изјасни. Со тој чин и личен пример тој покажал дека уште тогаш не признавал никаква српска, бугарска или било која туѓа хегемонистичка претензија кон Македонија и Македонците.
Со својата општествена и научна активност во во Цанк петерсбург Чуповски покажа и докажа дека силен заштитник и бранител на македонската национална самобитност и посебност, а по поделбата на Македонија во 1913 година, силно се залагал за нејзино обединување и конституирање како национална држава на македонскиот народ.
Некогашниот мијачки молер од Папрадиште, печалбарот и ученикот од Софија, Белград, Новгород, Симферопол и Петербург заслужува респект, почит, дури и поклон пред неговото грандиозно македонско национално дело како мислител, организатор и револуционер. Инаку, тој е современик и учесник во движењето на “лозарите“ и на “вардарците“. Оснивач на најзначајната македонска национално-културна асоцијација – Македонското научно-литературно другарство во Петербург и негов претседател 15 години.
Како претседател на МНЛД, Чуповски ги подготвува акциите и плановите на другарството, активно води разговори со руските власти и со турската и австроунгарската амбасада во Русија, држи предавања во рамките на МНЛД и надвор од него. Во текот на својот творечки живот, Чуповски патувал и во Македонија заради подготовките за отворање на училишта на македонски јазик во периодот од 1905 до 1911 година. Покрај дејностите во МНЛД, тој бил и сопственик на Посредничкото биро “Трудовој Посредник“ и тогаш го издава годишникот “Дѣловой Петербургъ“ во 1909 и 1910 година.
Исто така тој е и член-основач и претседател на Словеномакедонското национално-просветно друштво “Св. Кирил и Методиј“ (1912–1913), член-основач на Руско-македонското благотворно друштво “Св. Кирил и Методиј“ (1913–1914) и член-основач и претседател на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград (1917–1924), но и потпретседател на Друштвото за помош на почетниците литератори, артисти, уметници и научници на Русија (1915) и редовен член на Санкт-петербуршкото словенско благотворно друштво, на Друштвото за словенска заемност и на други руски асоцијации.
Со самиот почеток на реализацијата на остварувањето на овие зацртани определби, Чуповски и Попарсов заминуваат за Лондон и Париз. Таму тој ги создава своите статии за македонската државност и за завојувачкиот карактер на војната. Во тој момент Чуповски ја објавува и првата карта за Македонија во боја и на македонски јазик –“Карта Македониіа“. Покрај картата, Чуповски ги објавува и “Македонски народници“ во март 1913 година и “Меморандум на Македонците“ на 1 март 1913 година. Сите три, Чуповски ги испраќа до Лондонската конференција и до рускиот печат за подобро запознавање со македонското прашање и желбата на Македонците за своја слободна татковина.
infomax.mk