Османи за земјотресот во Турција: Нашите граѓани погодени од земјотресот се во добра состојба, веќе се тргнати накај Анкара каде ќе преноќат, а потоа за Скопје

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека деветте државјани на Северна Македонија, кои беа затекнати во загрозеното подрачје од земјотресот во Туркије, се во добра здравствена состојба и се тргнати накај Анкара, јавува Анадолу.

Османи во МНР одговори на новинарските прашања, меѓу кои беше запрашан и за случувањата по земјотресот што вчера ја погоди Туркије.

„Утринава некаде во 2 часот по полноќ, нашиот дипломат ми испрати фотографија заедно со нашите ученици. Сите се здрави, добри, и веќе се тргнати накај Анкара, каде што вечерва ќе останат таму и ќе тргнат со автобус за Скопје. Така да, сите се во добра здравствена состојба и повредениот, којшто добил здравствена грижа, е во добра состојба, без потреба од некаква хируршка интервенција. Сите заедно се тргнати, веќе се на пат за Анкара“, рече Османи.

Тој нагласи дека фотографијата што ја добил покажува дека се тие во добро расположение, и додаде дека ги очекуваат да стигнат во Скопје и дека ќе се погрижат за нив.

„Еден е повреден, другиот само бил на преглед. Едниот имал потреба од имобилизација на екстремитет. Меѓутоа, и тој е во добра здравствена состојба, и сите заедно се тргнати кон Анкара“, нагласи тој.

Османи потсети дека вчера одржале вонредна седница во Владата, на која имал можност да информира за случувањата во Туркије.

Според него, на седницата имале можност да направат едно координативно тело и да ги задолжат институциите да постапат во однос на помошта.

„Одредени институции уште на таа седница дојдоа со конкретни одлуки и средства коишто можат да ги обезбедат. Не знам точно дали се тргнати, но требаше утринава веќе од Дирекцијата за заштита и спасување првите екипи да тргнат. Министерството за одбрана исто така уште денеска да ги испрати средствата за помош, а и Министерството за финансии исто така да ги испрати првичните финансиски средства“, истакна тој.

„Така да, и затоа беше вонредната седница уште вчера, за да може во текот на ноќта да се координираат институциите и утринава да може да се испорача. Бидејќи сега е прашање на време. Според информациите што ги добиваме, временските услови се многу лоши. Патувањето на нашата екипа од Анкара до локацијата било многу тешко заради временските околности. Така да, сето тоа е отежнувачки фактор. И ако треба да се реагира, треба да се реагира денеска, треба да се реагира веднаш кога се тие часови кога може да се спасат животи“, додаде министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.

извор: Анадолу.