Лицето коe уби десет луѓе во саботата за време на прославата на кинеската Лунарна Нова Година во сала за танцување во градот Монтереј Парк, извршило самоубиство, објавија американските власти. Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, синоќа изјави дека осомничениот е идентификуван како 72-годишниот Ху Кан Тран и дека се верува дека немало други напаѓачи. Мотивот за нападот се уште не е познат. Десет лица, пет жени и пет мажи, загинаа, а уште 10 лица беа ранети во пукањето во студиото за танцување Star Ballroom во паркот Монтереј. Седуммина се уште се во болница, од кои еден е во критична состојба. Околу 20 до 30 минути подоцна, напаѓачот влегол во сала за танцување во блискиот град Алхамбра, но од страна на присутните му го одзеле пиштолот, објави slobodnaevropa.mk.
По обидот за втор напад, осомничениот побегнал со комбе, кое полицијата го опколила во блискиот градот Торанс. За време на опсадата, полицајците упаднале во комбето каде го пронашле телото на осомничениот со прострелна рана. Монтереј е град со околу 60.000 жители на источниот раб на Лос Анџелес и е дом на претежно кинески имигранти или првата генерација азиски Американци. Масакрот, кој предизвика страв во големите азиско-американски заедници во паркот Монтереј и Алхамбра, е петтото масовно убиство во Америка овој месец. Тоа е најкрвавиот напад од 24 мај, кога 21 лице беше убиено во пукање во основно училиште во Јувалдо, Тексас.