Седница на Советот за безбедност за денеска попладне свика и претседателот на Албанија. Седниците во двете држави доаѓаат во период кога има засилен меѓународен ангажман за затворање на отворените прашања меѓу Србија и Косово
Во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски попладнево почна најавената седница на Советот за безбедност.
На неа се разговара за безбедносната состојба во земјава и евроатлантскиот регион.
Покрај редовните членови, на покана на Пендаровски, на седницата присуствуваат и: директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу; директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски; и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Талат Џафери; премиерот Димитар Ковачевски; министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски; министерката за одбрана Славјанка Петровска; министерот за надворешни работи Бујар Османи; професорот на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Ненад Марковиќ; професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Ветон Љатифи; и поранешниот министер за одбрана и универзитетски професор Трајан Гоцевски.
Седница на Советот за безбедност за денеска попладне свика и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, каде што исто така тема е безбедносната состојба, а во фокусот ќе бидат и приоритетите за 2023 година – институциите да обезбедат целосна безбедност, слобода и благосостојба на граѓаните.
Седниците на советите за безбедност во Македонија и Албанија доаѓаат во период кога има засилен меѓународен ангажман за затворање на отворените прашања меѓу Србија и Косово. На оваа тема денеска седница одржа и српската влада на која присуствуваше и претседателот Александар Вучиќ. Вучиќ, вечерва ќе има и обраќање до нацијата.