На „Австралија опен“, првиот грен слем турнир сезонава, четвртиот носител во машка поединечна категорија, тенисерот Новак Ѓоковиќ, извојува победа во својот полуфинален натпревар и во финалето ќе игра против Стефанос Циципас, јавува Агенција Анадолија (АА).
Комплетирани се натпреварите од 12. ден на турнирот кој се одржува во Мелбурн, Австралија.
Во полуфинале во машка поединечна категорија, српскиот тенисер Ѓоковиќ, кој во својата кариера освои 21 грен слем титула, играше против американскиот тенисер Томи Пол, 35. тенисер во светот, кој на овој турнир го постигна својот најдобар пласман на еден грен слем турнир во кариерата.
Започнувајќи го натпреварот со успешен сервис, Ѓоковиќ во првиот сет поведе со 5:1, но во седмиот сет го загуби ритамот. Пол, искористувајќи ги грешките на својот 35-годишен противник, успеа да го изедначи резултатот на 5:5. По изедначувањето, Ѓоковиќ повторно ја презеде контролата над играта и првиот сет го освои со резултат 7:5.
Во вториот сет Ѓоковиќ не му даде шанса на противникот и со ефикасни бекхенд удари го доби вториот сет со 6:1. Освојувајќи го третиот сет со скор од 6:2, Ѓоковиќ извојува победа од 3:0 во сетови и се пласира во финалето на „Австралија опен“.
Новак Ѓоковиќ е најуспешниот тенисер во историјата на „Австралија опен“ со освоени 9 титули. Во финалето, кое се игра в недела на 29 јануари, Ѓоковиќ за противник го има Гркот Циципас.
Српскиот тенисер по 33. пат во својата кариера се пласира во финалето на еден грен слем турнир, со што го надгради рекордот во машка поединечна конкуренција што е во негова сопственост. Циципас по Отвореното првенство на Франција во 2021 година, по вторпат во кариерата ќе игра во финалето на еден грен слем турнир.
– Програмата на 13. ден од турнирот –
Утре, 13. ден од тенискиот турнир „Австралија опен“ се игра финалниот натпревар во поединечна конкуренција за жени. По три грен слем полуфиналиња, Белорусинката Арина Сабаленка, петтата носителка на ова натпреварување, утре ќе го игра своето прво грен слем финале. Сабаленка за противник ја има 22. носителка од Казахстан, тенисерката Елена Рибакина, која минатата година победи на „Вимблдон“.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото:Агенција Анадолија (АА).