Националниот парк Галичица и покрај проблемите со кои се соочува поради загрозувањето на статусот на Охридскиот регион на светско природно и културно наследство на УНЕСКО, не добива финансиска поддршка од државата за управување. Во моментов се финансира од наплата на влезници и од меѓународни донации кои не се загарантирани и постојани и доколку тие средства се намалат или запрат, националниот парк може да се врати кон старите методи на финансирање, односно сечата на дрва, што според сите препораки, не треба да се применува бидејќи националните паркови се природно богатство кое е наменето за екотуризам.
Законот со кој се регулира финансирањето на НП е оскуден, па поради тоа државата законски може да се огради од финасирање, но се поставува прашањето дали вакво национално богатство треба да биде оставено „само на себе“. Властите тврдат дека бараат начин за воспоставување на нови методи за самофинансирање на националните паркови.
Андон Бојаџи, вработен во НП Галичица, кој воедно е и поранешен директор на Паркот, за МИА изјави дека повеќе од половина од буџетот на националниот парк се пари на германските даночни обврзници и од Фондот Преспа-Охрид ПОНТ.
– Еден од начините на обезбедување средства за заштита на природа согласно Законот за заштита на природа е и од Буџетот на државата, но во Законот е оставено повеќе како можност отколку како обврска, посочува Бојаџи.
Во однос на тоа како би се финасирале доколку немаат донации, Бојаџи вели дека би можеле да се вратат на стариот начин, односно преку директно користење на шумите да обезбедат финансиски средства, што не е согласно меѓународните стандарди.
– Од тие причини не сакаме тоа да го сториме, но ако сме принудени ќе треба да се вратиме на таквиот начин на обезбедување на финансиски средства, вели Бојаџи.
Нагласува дека меѓународна пракса е заштитата на природата да се финансира со јавни пари.
Сепак, и покрај финансиските проблеми со кои се соочува Националниот парк Галичица, според она што го кажа Бојаџи, осврнувајќи се на загрозувањето на статусот на УНЕСКО, реализирани се сите препораки произлезени од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и од 2017 и во 2020 година.
Зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат, Бојаџи како најголем проблем ги издвојува дивоградбите, за кои се алармира со години, но за жал, речиси ништо не се презема.
Дел од обврските во кои НП Галичица треба да постапува заедно со други институции на државата не се завршени. Една од клучните работи е урбанизацијата, односно притисокот од урбанизацијата и ЈУ се обидува во континуитет да достави информации и податоци за сите бесправни градби кои се случуваат во моментов, бидејќи имаме и такви, нагласи Бојаџи.
Во однос на нивните обврски околу урбанизацијата во тој регион, Бојаџи рече дека постапување во делот на урбанизацијата и бесправното градење не е надлежност на Паркот.
Но бидејќи ние имаме луѓе кои се континуирано присутни на терен, се обидуваме редовно, континуирано да информираме за сите градежни активности што се случуваат во паркот. Притоа ние немаме надлежност ниту да прашаме дали е со документи или не. Тоа е работа на градежниот инспектор. Ние затоа информираме дека се случува градежна активност и се обраќаме со допис до градежната инспекција, градежен инспектор да изврши инспекциски увид, наведува Бојаџи.
Тој посочува дека се регистрирани голем број бесправни градби и дека се креирани листи на поднесени барања.
Во НП Галичица се вработени само 15 луѓе.
МИА