DW: Мнозинство под ризик – едни да влезат, други да излезат

Власта планира окрупнување на мнозинството заради интеграциските процеси и уставните измени, а опозицијата критикува дека тоа се прави заради ситнопартиски интереси, бидејќи е јасно дека нема уставно мнозинство од 80 пратеници. Во таква атмосфера денеска (31.01) ќе се одржи средба во Владата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, опозициска партија која минатиот петок формираше тим што ќе разговара за евентуален влез на АА во Владата. Во пресрет на денешната средба, синоќа во штабот на АА се одржал состанок меѓу раководството и претседателите на партиските ограноци. На средбата се разговарало за внатрешната организација, теренските активности и новите предизвици кои ја очекуваат партијата во наредниот период, објави DW.com.

Таравари најави дека на денешната средба ќе дојде со програма со пет точки во кои се наведени барањата на АА. Доколку тие се прифатливи за Владата, тогаш АА ќе продолжи да преговара и за кадровските решенија.

„Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро, или ние ќе продолжиме во опозиција“, порача Таравари, потенцирајќи дека ќе дадат поддршка за уставни промени и ако останат во опозиција.

Во политички кулоари се шпекулира дека влезот на АА е одамна договорена работа, само требало да се финализира во тајминг што според изборните рокови ќе значи дека веќе е „закопана“ можноста за предвремени избори оваа пролет, како што предлагаше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, се шпекулира и дека евентуалниот влез на АА во Владата не мора да значи зголемено мнозинство, туку опасност од „јалова матаматика“, бидејќи, барајќи повеќе, може да остане со помалку, доколку влезот на АА резултира со заминување на Алтернатива.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, избегнува да соопшти став по ова прашање, но изјавите на други лица од партијата укажуваат дека за нив не би било прифатливо влезот на АА да биде на сметка на некои од ресорите што ги има Алтернатива, особено што сѐ уште не ги добиле сите раководни позиции кои им биле ветени кога влегле во Владата.

„На Алтернатива не ѝ пречи Алијанса за Албанците да влезе во Владата, нас ни пречи кога некој не го почитува тоа што го договоривме“, изјави секретарот на оваа партија, Зекрија Ибрахими.

Забелешката е насочена кон ДУИ, со оглед дека под контрола на незадоволната „Огнена група“ се тројца пратеници. Еден од нив е, формално независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој во ноември 2021 година со неговото „исчезнување“ спречи да ѝ се изгласа недоверба на владејачката коалиција.

Текстот во целост на: DW.com.