Десетици илјади наставници во училиштата, универзитетски персонал и предавачи, машиновозачи и многу други државни службеници од различни сектори во Велика Британија денеска излегоа на општ штрајк на национално ниво, јавува Анадолу.
Штрајк во ваков обем се нема одржано во земјата од спорот околу платите во 2011 година, кога повеќе од еден милион работници излегоа на протести.
Националниот синдикат на образованието соопшти дека околу 300.000 наставници само низ Англија излегле на штрајкот поради намалувањето на платите од најмалку 23 отсто од 2010 година. Како и многу други вработени во различни сектори, и наставниците бараат зголемување поради двоцифрената стапка на инфлација во земјата.
Додека поголемиот дел од училиштата се целосно или делумно затворени, патувањата, исто така се погодени поради штрајкот на работниците од тој сектор.
Конгресот на синдикатите (TUC), кој ги претставува сите синдикати во земјата, најави собири за денеска низ цела Велика Британија.
Повеќето од оние кои штрајкуваат се приклучуваат и на протестите на работниците низ целата земја против владиниот Закон против штрајк кој беше усвоен вчера во Долниот дом на Парламентот.
Предлог-законот наметнува ограничувања на штрајковите во одредени сектори со образложение дека Владата го поддржува правото на штрајк, но истовремено сака да ги земе предвид и интересите на јавноста.
Одбивањето да се работи на денот на штрајкот според новиот закон може да доведе до отпуштање на работниците, за што синдикалците тврдат дека е недемократско, неизводливо и незаконско.
извор: Анадолу
фото: Анадолу