Повеќе мобилни броеви од жители во Македонија

Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија заклучно со третиот квартал лани достигна 2.048.236 и бележи зголемување за 115 илјади во однос на претходното тримесечје кога беа регистрирани 1.932.608 претплатници. Тоа е продолжение и на претходниот раст на квартално ниво, кога во вториот во однос на првиот квартал, имаше зголемување за на бројот на претплатници за 20.000.

Од вкупниот број претплатници во третиот квартал од 2022 година, 249.034 се деловни пост пеид, додека кај резиденцијалните 934.656 се пост пеид, а 864.546 при пеид, покажуваат најновите податоци за развојот на пазарот на електронски комуникации.

Најголем удел во вкупниот број активни претплатници има „Македонски телеком“ со 48,3 проценти, пред „А1 Македонија“ со 47,46 проценти, „Лајка Мобајл“ 2,87 проценти, „Роби“ 1,17 и „Греен мобиле“ од 0,08 проценти. „Македонски телеком“ има и најголем удел во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) со 51,86 проценти, по што следи „А1 Македонија“ со 46,49 проценти, „Роби“ со 0,84 проценти, „Лајка Мобиле“ со 0,70 проценти и „Греен мобиле“ со 0,11 проценти.

Според податоците на Агенцијата за електронски комуникации во третото тримесечие од 2022 година имало 1.581.835 претплатници со пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа.

Од нив на „Македонски телеком“ отпаѓаат 48,51 процент, „А1 Македонија“ 47, 67 проценти, „Лајка Мобајл“ 2,21, „Роби“ 1,51 и „Греен мобиле“ 0,10 проценти. Во однос на вториот квартал, претплатниците со пристап до интернет се зголемиле за 162 илјади.

 

vesnik.com