Германскиот синдикат најави штрајк на главните аеродроми

Германскиот синдикат најави дека в петок ќе организира предупредувачки штрајк на најфреквентните аеродроми во земјата поради тековниот спор околу платите и работните услови, јавува Анадолу.

Во соопштението на својата веб-страница објавено денеска, Вер.ди (Ver.di) истакна дека еднодневниот штрајк на копнениот персонал, јавните служби и вработените во воздухопловната безбедност ќе започне во раните утрински часови в петок и ќе продолжи до ноќта.

„Членовите на Вер.ди кои работат на седум аеродроми, вклучувајќи го и најфреквентниот центар во земјата, аеродромот во Франкфурт, ќе престанат да ги извршуваат своите должности в петок“, се вели во соопштението.

Големи прекини и доцнење на летовите се очекуваат и на аеродромите во Бремен, Дортмунд, Хамбург, Хановер, Минхен и Штутгарт.

Во меѓувреме, Вер.ди истакна дека ќе ги преземе неопходните мерки за испораката на хуманитарната помош кон погодените од земјотресот во Туркије и Сирија да не биде погодена од штрајкот.

Синдикатот моментално води преговори со работодавците од јавниот сектор на федерално и локално ниво, а следната рунда преговори е закажана за 22-23 февруари.

„Вработените заеднички вршат притисок врз соодветните работодавци бидејќи не се постигнати резултати во претходните преговори“, соопшти заменик-претседателката на синдикатот, Кристин Беле.

 

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.