Бислимоски: Се прават анализи дали од 1 јули ќе се врати дневната евтина струја

РКЕ самата го носи тарифниот систем и сега се прават анализи дали е возможно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот. Сега треба да видиме колкаво ќе биде домашното производство на струја, а според најавите на ЕСМ ќе биде зголемена за барем 10 отсто. Го анализираме и фактот што имаме голем број изградени фотоволтаици кои се главно изградени на големите компании. И третиот момент е што цената на електрична енергија кога произведуваат фотоволтаиците е поевтина отколку во останатиот дел од денот. Тој тренд во лето ќе продолжи па и тој елемент го анализираме, вели Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ во емисијата СТУДИО 10 на ТВ 24.

-Сега во периодот кога беше најскапа електричната енергија поради фотоволтаиците имаме најевтина струја. Оттука, можно е ако покажат така пресметките да се врати дневната евтина струја. Од тоа најголема придобивка ќе имаат пензионерите кои се дома и кои многу внимаваат на тоа како се троши струјата а освен тоа најредовно ги плаќаа сметките во време на ковид-пандемијата и ја одржуваа ликвидноста на ЕСМ, вели Бислимоски.

Според Бислимоски, таква евентуална промена би се случила на 1 јули кога вообичаено се прават промени на цените на енергетските услуги. Евтината струја секој ден ЕСМ го чинеше 16 милиони евра годишно, вели Бислимоски.

-Ова што се случува со обемноста на изградбата на фотоволтаици не се случува само во Македонија туку и во целиот регион. Освен тоа, компаниите инвестираа во енергетски ефикасни начини на производство. Оттука, може да се случи во летен период да имаме цени на струјата блиски до нула па дури и во минус, вели Бислимоски.

Тој вели дека сега треба инвеститорите да инвестираат во батерии со цел да имаат производ што ќе трае подолго. Ако производителите на струја од фотоволтаици имаат резерви струја по 19 часот, тоа ќе биде корисно и за компаниите и за граѓаните. Батериите се преоден период кон водорот кој ќе биде најеколошко и најевтино гориво кое ќе го заменува природниот гас. Европа повеќе нема да се враќа на термоелектраните, коментира Бислимоски.

 

извор: ТВ 24