Под влијание на изразена циклонска активност со центар над Јадранот, од денес навечер, и во текот на ноќта кон недела ќе започнат нови врнежи од дожд и тие локално ќе бидат обилни (над 20 л/м2), а не се исклучува можноста за развој на ретка нестабилност, проследена со појава на грмежи. Снег ќе врне само на највисоките планини.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час). Температурите остануваат без промени и ќе бидат натпосечно високи за овој период од годината.
Сепак од понеделник, поради спуштање на значително постудена воздушна маса од Арктикот, очекувме северен ветер кој ќе услови големо заладување на времето. Исто така на повисоките места и на планините врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег, а во понеделник попладне и во вечерните часови локално и слабо провејување на снег ќе има понекаде и во градовите низ Македонија.
Од вторник ќе имаме стабилно, суво и студено време. Наутро температурите понекаде ќе се спуштаат до околу, па и под -10 степени. Максималните дневни температури на многу места низ Македонија ќе се искачуваат само за некој степен над нулата, а понекаде тие ќе останат околу, или за некој степен под нулата (особено на повисоките места и на планините).
Во Скопје очекуваме слично време, најпрвин дождливо време во текот на претстојната ноќ и утре, а од понеделник големо заладување и услови за провејување на снег во повисоките предели од котлината, стои во најновата објава од метеопрогнозерот Славчо Попоски.