И денеска нема бел и полубел леб, пекарите подготвени за разговор со надлежните институции!

И денеска на полиците во маркетите нема да има леб, велат пекарите. Тие остануваат на одлуката од понеделникот дека производство и испорака нема да има.

Како што велат за МИА нивни претставници, подготвени се за разговор со надлежните институции, но тогаш кога ќе добијат официјална покана, а не „повик“ или „апел“ преку прес-конференција.

Според пекарите, никој не треба да очекува дека ќе има леб за 20 денари. Цената не требаше да се замрзне зашто тоа, потенцираат, се коси со уставното право за слобода на пазарот, ниту требаше да се укине субвенционираната струја зашто мерката даде резултат. Леб за 32 до 35 денари имаше во малопродажбата, зависно од квалитетот и грамажата.

Пекарската индустрија во оваа новонастаната ситуација, очекува поддршка од сите останати индустрии во земјава.

Денеска втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните.

извор: МИА