Утврден е законот што ќе овозможи враќање на незаконски изнесените, вредни икони, во земјава

0
120

Владата го разгледа и утврди Предлогот на закон за ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, за враќање на незаконски изнесени икони во земјата на потекло, предложен од Министерството за надворешни работи и одлучи да го достави до Собранието на Република Северна Македонија.

Со ратификацијата на Договорот, според образложението од Министерството за надворешни работи, исклучително вредното културно наследство, за кое што претходно се договорија Северна Македонија и Албанија, ќе биде вратено во Република Северна Македонија. Ова ќе ги продлабочи и унапреди културните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и ќе ја манифестира сериозната посветеност на двете држави во ефективната заштита на културното наследство и имплементацијата на меѓународните конвенции од оваа област.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за култура за претставувањето на колекција на Музејот на современа уметност – Скопје, во Кунстхале – Виена.

Посетителите во Виена, според образложението од Министерството за култура, ќе може да видат 94 дела од колекцијата на НУ Музеј на современа уметност, меѓу кои дела на Мартиновски, Пандилов, Перчинков, Владимирски, Тодоровски, како и од Вазарели, Пикасо, Кац и други. Концептот на изложбата предвидува  и присуство на уметници од светот, кои ќе направат своја селекција на делата од колекцијата и ќе осмислат своја поставка. Преку реализацијата на оваа изложба ќе се унапреди досегашната меѓународната соработка со постоечките партнери, кураторскиот колектив WHW од Кунстхале во Виена, кои се воедно и раководни лица на институцијата, со потенцијал за проширување на соработката и со други партнери и сродни институции на билатерално и мултилатерално ниво.

извор: Влада