Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска на службениот мејл на „Слободен печат“ испрати свој став во врска со објавената сторија со наслов „Тетовка обвинува: На Онкологија во Скопје добив лажна дијагноза за рак на дојка па ми ги отсекоа градите“.
„Во врска со истражувачката сторија во која е засегната нашата ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје, го изразуваме ставот на клиниката: Во хистопатолошката лабораторија при ЈЗУ УКРО за конкретниот случај била направена исклучиво цитологија со која се утврдило присуство на малигни клетки. Целиот понатамошен третман е реализиран во други институции. Цитологијата е метода која треба да насочи понатамошни дополнителни испитувања за конечна дијагноза, по што се советува и реализира соодветен третман. Таа не е единствен дијагностички показател. Образложение за цитолошкиот наод е добиен лично од патологот од ЈЗУ УКРО, а за целата понатамошна процедура спроведена во други институции клиниката се оградува“, велат од Клиниката.
slobodenpecat.mk