Битиќи: Ги следиме берзите на сите прехранбени производи, ако има пад на цените треба да има импликации и кај крајните корисници

Сите кои се занимаваат со трговија на големо и на мало треба да ги следат берзанските цени на производите, бидејќи секое намалување на цените на берзата треба да значи и намалување на цените за нашите граѓани, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Не успеав денеска да ги видам анализите за јајцата, шеќерот и оризот зашто имав други активности, но во текот на денов ќе ги видам и ќе можам да дадам оценка дали ќе следи замрзнување и на нивните цени. Ги следиме сите производи, па и земјоделските. Во овој период овошјето и зеленчукот најчесто се раноградинарски производи од кои најголем дел се увезуваат заради што ги следиме берзанските цени. Ако има пад на берзанските цени ќе останеме на ставот дека ќе очекуваме трговците да ги намалат и нивните цени, рече Битиќи во одговор на прашање по средбата со директорот на ТАВ Македонија Метин Батак, ТАВ и ТАВ констракшн во Владата.

Цените, како што кажа, се флуктуирачки и се менуваат секој ден во зависност од понудата заради што, какао што кажа, не може да се донесе една констатација.

-Но, кога ќе се види севкупното во одреден временски период може да се констатира дека има пад на цените на берзата што значи дека треба да има импликации кај крајните корисници, прецизира Битиќи.