Северна Кореја истрела две балистички ракети

Северна Кореја истрела две балистички ракети со краток дострел во морето во близина на нејзиниот источен брег денеска наутро, соопшти војската на Јужна Кореја, пренесува Ројтерс.

Според Генералштабот на Јужна Кореја, ракетите биле истрелани од провинцијата Северна Хвангае и прелетале околу 370 километри.

Војската на Јужна Кореја ги осуди како сериозна провокација што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.

За настанот се огласи и владата на Јапонија која наведе дека веројатно ракетите паднале надвор од ексклузивната јапонска економска зона. Оттаму упатија остра реакција до Северна Кореја велејќи дека лансирањето ракети ги загрозува безбедноста и мирот на Јапонија, регионот и меѓународната заедница.

Денешното лансирање на балистичките ракети доаѓа кога се очекува американски носач на авиони и други бродови треба да се закотват во јужнокорејската поморска база. Тие треба да пристигнат утре, а денеска треба да има заеднички поморски вежби со воените сили на Јужна Кореја.

Од американската Индопацифичка команда се огласија дека најновите севернокорејски лансирања не претставуваат непосредна закана за американскиот персонал или нивните сојузници, но реагираа дека проектилите од Северна Кореја го истакнуваат дестабилизирачкото влијание на нелегалното оружје.

Двете балистички ракети се само продолжение на ваквите активности на севернокорејските власти кои изминатите неколку недели ги засилија воените тестови. Во средата, на пример, тие истрелаа повеќе крстосувачки ракети за кои Пјонгјанг рече дека имаат за цел да практикуваат тактички нуклеарни напади. Во петокот, пак, Северна Кореја тестираше подводен дрон оспособен да носи нуклеарно оружје.

 

360stepeni.mk