Следниот месец воени вежби на НАТО кои ќе се протегаат од Финска до Македонија

Во нашата земја и регионот наскоро пристигнува огромна воена сила предводена од Британија. Според најавите на британската влада, НАТО сојузниците во деновиве што следат распоредуваат околу 8.000 војници на воени вежби низ Источна Европа вклучително и Македонија во знак на демонстрација на сила, по руската инвазија на Украина.

Како што пренесуваат медиумите, повикувајќи се на соопштението на британското Министерство за одбрана, воените вежби ќе започнат од следиот месец во повеќе држави кои се протегаат од Финска на север, па сѐ до Македонија а учество ќе земат повеќе земји членки на НАТО, вклучително и Франција и САД.

Консултираните домашни воено политички аналитичари велат дека Македонија не треба да стравува за својата безбедност бидејќи станува збор за стратешко разместување.

За „Слободен печат“ генералот и универзитетски професор Методи Хаџи – Јанев вели дека навременото распоредување на воените сили на сојузниците во овој дел од Европа е превентивно бидејќи состојбите допрва ќе се влошуваат.

Слободен печат