„Цвтови“, „Ми заплакало селото, селото Ваташа“, „Крвава блокада“ – што се творело за масакрот во Ваташа ? !

0
289

Во текот на денов, по одржувањето на овогодинешната „Златна Бубамара на популарноста“ јавноста во Македонија најмногу емоции доживеа од изведбата на „Ми заплакало селото, селото Ваташа“ во изведба на Адријана Јаневска, комбинирана со стихови од „Цветови“ кои ги рецитираше живата легенда на македонското глумиште и шоу бизнис Игор Џамбазов.

Во текот на денот не успеавме да провериме дали „Цветови“ е отстранета од наставните програми во основните училишта, и дали ја има во некое од средните, па затоа објавуваме дел од творештвото поврзано со овој немил и трагичен настан од нашата историја.

Ми заплакало селото, селото Ваташа.
Тринајест роса младинци носат,
Моклишко горе в’долови.
Целото село станало, станало на нога.
Дајте ги вамо нашите деца,
Еј, вие клети крвници.
Џелати клети не слуша, не слуша народот.
Митралез оган фрлија поган,
В’градите машки младински в’селото.
По тија рамиш полиња родни,
Ридишта голи тиквешки.
Тогај се народ подигна, подигна илјадно,
И тргна смело да затре семе,
Фашиско, клето, за навек.

Творештво инспирано од масакрот во Ваташа

Во врска со случувањата во Ваташа, на 15 и 16 јуни 1943 година во македонската литература имаме неколку поетски творби. Тоа се: народната песна „Ми заплакало селото Ваташа“, антологиската песна на Славко Јаневски „Цветови“ и поемата „Крвава блокада“ од Лазо Каровски.

Историски податоци

Пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, презеле офанзива за уништување на партизаните и се нафрлиле врз мирното население.

Во раните утрински часови на 16 јуни во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени.

По полицискиот распит ослободиле еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки останале со обвинение за врски со партизаните. По тешки измачувања, полицијата и војската ги одвеле пешки во колона кон Моклиште, а на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат да ги фотографираат.

Најстариот од приведените, насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата да се пука по нив. Дванаесетте младинци биле застрелани. Четирите девојки, што исто така биле уапсени, ги тргнале настрана и ги вратиле назад во селото. Убиените младинци не ги вратиле, туку ги закопале на местото.

Денес на тоа место има мал споменик. По војната, тие биле откопани и преместени на друго место, а по третпат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.

Жртви на настанот се:

Перо Видев (15), Ванчо Гурев (19),  Данко Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).

.

Творештво инспирирано од настанот

.

Народна песна „Ми заплакало селото Ваташа“

.

Народната песна „Ми заплакало селото Ваташа“ е инспирирана од крвавиот настан што се случил на 16 јуни 1943 година.

.

Ми заплакало селото, селото Ваташа.

Tринаесет роса младинци носат

Мокришко горе, в долови.

.

Целото село станало, станало на нога.

Дајте ги вамо нашите деца

еј вие клети крвници.

.

Џелати клети не слушат, не слушат народот.

Митралез поган фрлија оган

в градите машки младински.

.

Тогај се народ подигна, подигна илјадно.

И тргна смело да запре семе

фашистичко клето за навек.

 

Славко Јаневски „Цветови“ во врска со овој настан, Славко Јаневски ја напишал песната „Цветови“.

Цветови

В Тиквешко негде, в некое село,

кај в слана тивко венеше цвете,

– убија дете.

.

Последна солза од око капна…

кога на ридот есента стапна,

в крви се изми утрото бело.

И кога в зраци челикот светна

последна мисла ко птица летна:

„Мајка ми сама остана в село”.

О, детски очи!

Криевте в себе небесно катче…

Румено крвје течеше в жили

в радост без почин…

Кај око детско натопи земја

гороцвет никна, разлиста пролет,

кај крвта врела растопи слана

црвена роза закити поле.

Мајската роза и цветот модер

в миризма молат:

„Закити, друже, огнена пушка

со цвеќа млади,

па напред појди и други деца

брани со гради”.

В Тиквешко негде, в некое село,

кај в слана тивко венеше цвете,

– убија дете.

Лазо Каровски „Крвава блокада“

Посветена на убиените момчиња е и поемата од Лазо Каровски составена од 12 песни.

Кравава блокада

1.

Црн мрак во катран тежи.

Ноќ фрла сертме-мрежи

над ниските

куќи збити

на Ваташа –

старо гнездо на комити

сега нова

лулка машка

на јунаци.

 

2.

По широко, ведро небо

ко низ ширно

море мирно

месец румен скришум снови

А ѕвездички небо китат

и трепкави

никнат нови

в бескрајната шир се збитат.

Низ улички тесни, криви,

прегрбени сенки шетат

и бесшумно, како пајак

в ноќ железен обрач плетат.

 

3.

По небо в час

набабрени,

црни

се дигаат,

растат

облаци штури

ни месец румен,

ни ѕвезден бисер

небото стана –

море сред бури.

Ни лај на куче,

ни шум се слуша

и штама гробна,

ни жива душа,

сал слушаш злобно

реката шуми

и реди страшни,

бунтовни думи.

 

4.

Ноќ темна

и пуста,

пуста

ко гробишта стари…

А морник те фаќа

и трепнеш

со коприва стравот те жари…

И задув те души

градите тесни се прават,

грло се суши

а злобни сенки

во глиб од болки те дават,

о, ноќ на пеколни маки!….

 

5.

Со зраци крвно-црвени

се зори зора винена.

Но таа зора – изгора,

изгора – клета умора

на страдни мајки робинки.

О, страдни мајки робинки

со мачни маки мачени

до кога крв ќе леете

и в лути рани тлеете?

 

6.

Ден страшен – извор на маки,

ден грозен – извор на болки.

Штамата расплела коса,

по гранки свенати лисја,

по треви – смрзната роса…

И нигде никого нема,

ни човек жив да се јави,

а трпне Ваташа в стравои –

во топли крви се дави.

 

7.

Од куќа во куќа в страв претрес се врши,

зол поручник пали и крши,

в бес моминска руба и жолтици граби,

ко лутица гневот го плиска над слаби.

И дете в постела уште

сон сладок лице му кити, –

го грабна, поведе…

– Зошто!?

со болка мајката викна

истури врели солзи

и ороси лице бело –

без капка крв,

за мило едино чедо,

за синот прв.

 

8.

Дванаесет

ко бисерни зрна

наредени во момински гердан,

дванаесет

ко јаганца бели

изврзани ко в крваво оро

ги тераа

во мртвата гора.

 

9.

Се заплетка ветер низ гранки

стрепереа лисја од страв,

затворија китките очи –

ги наглоти ветер со прав…

Низ пустата падина згрме

зловештиот картечен лај,

дванаесет фиданки кревки

овенаа в намуртен мај…

 

10.

Дванаесет пупки пролетни,

дванаесет китки алови

во топли крви пливаат

и раце, нозе протегаат

се дават в здивои последни.

И тиран деца умори,

ко слана пупки попари…

Од стравој дрвја треперат

а лисја пеат јаросно,

пеат за лута одмазда.

 

11.

Дванаесет

мачни

робови

лежат во пресни гробови.

Од тие

ладни

гробови пресни

ќе никнат борци за нови песни.

 

12.

Ќе дојде пролет, ќе цветат цвеќа,

ќе растат тревки, ќе шумат лисја,

но тие деца ни цвет ќе цветат,

ни лист ќе лиснат, ни свет ќе видат

под црна земја мртви ќе бидат…

И кога минеш низ поле в пролет

крај тие бели, но тажни крстои,

ќе чуеш место на славеј песна

за одмазда чезне пак крвта пресна.