Италијанската Влада подготви нацрт-закон за забрана на производство и продажба на синтетичка храна

Десничарската коалициска Влада на Италија предводена од Џорџа Мелони подготви нацрт-закон за забрана на производство и продажба на синтетичка храна, вклучително и на вештачко месо, јавува Анадолу.

На седницата на Владата што се одржа синоќа под претседателство на премиерката Мелони беа донесени неколку важни одлуки.

Владата на седницата го усвои и предлог-законот за забрана за производство и промет на синтетичка храна, вклучително и на вештачко месо.

Владата ќе бара одобрение од Долниот и Горниот дом на Парламентот за да се донесе законот.

Министерот за земјоделство, Франческо Лолобриџида, на прес-конференција по состанокот на Владата рече дека ова е многу важен предлог-закон што штити многу луѓе.

„Во општество каде што богатите јадат добро, а сиромашните не, постои ризик од социјална неправда со синтетичката храна. Овде постои силна желба да се заштити народот“, рече тој.

Министерот за здравство, Орацио Скилачи, изјави дека овој предлог-закон е подготвен како мерка на претпазливост бидејќи, како што рече, сè уште нема научна студија за ефектите од синтетичката храна.

Синтетичката храна не се произведува на природна почва или не е природно месо добиено од животни, туку се произведува вештачки во лабораториски и индустриски услови. Наместо почва, за одгледување на синтетичка храна се користи средство за одгледување или средство за раст што е направено од хемикалии.

извор:Анадолу.

фото: Анадолу.