Вработените во Националниот парк Шар Планина информираат дека е утврдено присуство на реткото диво животно – балкански рис во месноста Лешница. Тие го следеле движењето на дивите животни преку поставени видеокамери од почетокот на оваа година.
-Воспоставеното следење на дивите животни со фото-замки од почетокот на годината ни даде одлични првични резултати, но последното видео ни донесе и солзи радосници. Возбудени сме да ја споделиме информацијата дека го потврдивме неговото присуство во срцето на Шар Планина, во Лешница. Балкански рис (Lynx lynx balcanicus) е предатор и е исклучително ретко диво животно. Тој е еден од избраните клучни видови и е добар индикатор за здравствената состојба на екосистемот, велат од НП Шар Планина во соопштението.
Од таму потенцираат дека локалитетот Лешница е посебен предел поради своите бројни вредности, а потврдата дека е живеалиште на рисот е дополнителен аргумент дека заслужува посебен третман.
slobodnaevropa.mk