Јовески: Се уште го немаме добиено извештајот од обдукцијата на шестгодишното девојче – работиме на обезбедување докази

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска изјави дека Обвинителството работи на обезбедување на докази за смртта на шестгодишното девојче кое почина во битолската Болница.

Одговарајќи на новинарски прашања, Јовески посочи дека сеуште ги немаат добиено резултатите од обдукцијата, но дека се сослушани повеќе лица за кои Обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат во расветлување на овој случај.

Јавниот обвинител од надлежното Обвинителство во Битола ги презема неопходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Се уште протоколот од извршената обдукција Обвинителството не го добило. Во исто време Обвинителството работи на обезбедување и на други докази, рече Јовески по потпишувањето на меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.

На протест пред Министерството за здравство вчеравечер беа побарани одговори за смртта на шестогодишната Јана Христовска која почина минатата недела во Клиничката болница во Битола.

Учесниците на мирниот протест побараа, како што наведоа „Правда за Јана“ и „одговорно Министерството за здравство“.Порачаа дека е „доста од нефункционалноста, партизацијата, лошите услови во здравствениот систем и префрлањето вината кај пациентите“.

извор: Република