Во сообраќајка вечерва на патот Кавадарци – Ресава кај Тиквешко Езеро повредени се четири лица, оваа информација ја потврди за МИА Ристе Самарџиев, портпарол на Сектор за внатрешни работи Велес.
Според првичната информација, во полициска станица Кавадарци примена е пријава од Итна медицинска помош, дека на локалниот пат Кавадарци – село Ресава кај месноста викана „Криви дол“, во близина на Тиквешко Езеро, случена е сообраќајна незгода помеѓу два патнички автомобили. Спроред првичните информации од ИМП, повредени се 4 лица, кои со возила на ИМП се префрлени во ЈЗУ во Кавадарци. Излезено е на лице место од увидна екипа. За учесниците во незгодата, карактерот на повредите, во моментот немаме информации, штом ќе се комплетира настанот ќе известиме, појасни Самарџиев.
Раководителот на Итна медицинска помош, доктор Ратко Грков, за МИА информира дека станува збор за тешка сообраќајка. Две од лицата биле со потешки повреди. Сите повредени, со две возила на брзата помош биле пренесени во кавадаречката болница. Инаку, според првичните информации, станувало збор за две лица на околу 30 години, едно на околу 50 години и едно лице на околу 12-годишна возраст.
извор: МИА