Авиокомпанијата која го носи германското знаме, Луфтханза, денеска официјално влезе на македонскиот авијациски пазар со отворањето на новата редовна авиолинија од Франкфурт до Скопје и обратно, објавува ТАВ Македонија.
Авион од типот Ербас А319 на Луфтханза слета на пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје, во 14 часот и 5 минути и полета назад за Франкфрут во 14 часот и 55 минути. Германската авиокомпанија сега го поврзува македонскиот главен град со главниот аеродром во Франкфурт, нудејќи летови седум дена неделно (во некои денови и по два лета дневно) со авиони од видовите: Ербас А319, Ербас А320 и Ербас А320НЕО.
Бело-синиот воздухоплов беше пречекан на платформата на Меѓународниот Аеродром Скопје со традиционален авијациски воден мост, кој го направи протипожарниот тим на ТАВ Македонија, по што следеше церемонија на сечење торта за означување на новата дестинација и новата авиокомпанија, на која што освен ТАВ и Луфтханза, присуствуваа и Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер и Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
“Луфтханза ќе лета на линијата Франкфурт-Скопје секој ден, седум дена неделно, а во некои денови ќе има и по две ротации дневно. Франкфуртскиот аеродром е главниот аеродром во градот Франкфурт и е главното воздухопловно пристаниште за Луфтханза и еден од најважните аеродроми за трансфери во Европа, што ги поврзува патниците со повеќе од 300 дестинации во светот. Дневната фрекфенција на овие летови е одлична можност за нашите патници кои често патуваат во Германија, како и патниците кои би го искористиле аеродромот во Франкфурт како аеродром за трансфер за да стигнат до Северна Америка или други далечни дестинации на другите континенти. Авиолинијата Франкфурт-Скопје на Луфтханза е важна за македонската дијаспора, за бизнис-патниците, како и за оние кои летаат заради туристички причини и одмор. Дополнително, оваа линија ќе понуди нови можности за товарниот воздушен сообраќај, со оглед на тоа што Германија е главниот трговски партнер на Северна Македонија. Сигурни сме дека присуството на Луфтханза ќе додаде дополнителна вредност за сите патници од Меѓународниот Аеродром Скопје, за услугите на ТАВ Македонија, како и за целокупниот македонски авијациски пазар.”, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Групацијата Луфтханза е присутна на македонскиот пазар повеќе децении. Аустриан ерлајнс лета меѓу Скопје и Виена од 1996 година и моментално, во летниот распоред на летање има 14 лета неделно.
Еделвејс, другата сестринска компанија на Свис, која што е во рамки на групацијата Луфтханза, моментално лета меѓу Скопје и Цирих четири пати неделно.
Вклучувајќи ги 10-те лета неделно што Луфтханза сега ќе ги има од Франкфурт кон Скопје, групацијата Луфтханза ќе нуди вкупно 28 лета неделно од Меѓународниот Аеродром Скопје.
“Од денеска Луфтханза е третиот авиопревозник од нашата групација и отсега ќе лета секој ден до главниот град Скопје. Германската авиокомпанија Луфтханза е најголемата авиокомпанија во групацијата. Со повеќе од 100.000 Македонци кои живеат во Германија, Франкфурт е навистина многу атрактивна дестинација за нивните фамилии и пријатели од Северна Македонија. Како резултат на големата побарувачка за летови до Германија и пошироко, ние сега можеме да им понудиме на патниците постојани летови до нашето најголемо воздухопловно пристаниште во Франкфурт, со авиони од типот Ербас А319, Ербас А320 или Ербас 320НЕО. Цените на повратните авиобилети од Скопје до Франкфурт почнуваат од 169 евра, а картите можат да се купат во многу туристички агенции или на веб-страницата lufthansa.com Доколку сé уште не сте го посетиле Франкфрут, сега имате можност да го сторите тоа, а летот кој трае 2,5 часа ќе ве однесе до срцето на Западна Европа. Франкфурт е глобален центар за бизнис, туризам и култура и нуди широк спектар на туристички атракции и знаменитости, вклучувајќи светски културни настани и саеми”, изјави Петер Пулем, Постар директор за продажба во групацијата Луфтханза за Централна и Источна Европа, Русија, Заедницата на независни држави и Израел.
ТАВ Македонија ги заврши првите три месеци од 2023 година (јануари-март) со 493.720 патници на двата аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е пораст од 41 отсто споредено со истиот период во 2022 година и зголемување од 3 отсто во однос на 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата бидејќи беше пред кризата со ковид-19. Во истиот период, јануари-март 2023, бројот на летови на двата македонски аеродроми е 4.169, што е годишно зголемување од 39 отсто и 3 отсто во однос на 2019 година.
извор: ТАВ