Се отстранува фонтаната на плоштадот Крушевска Република. Активностите започнаа вчера, а граѓаните задоволни што плоштадот ќе добие нов лик. Велат фонтаната одамна требаше да се отстрани, затоа што го „нагрдувше“ изгледот на плоштадот.
Плоштадот „Крушевска Република“ според проектот ќе добие нов и модерен изглед, со нова урбана опрема, канделабри, осветлување со лед светилки, фонтана, садници и клупи, канти за отпадоци. Од страна на НУ „Завод и музеј“ Охрид претходно беа спроведени археолошки истражувања во насока на утврдување дали и каков археолошки материјал има, со цел добивање одобрение за реконструкција. Директорката на Завод и музеј Охрид, Катерина Велковска за Охрид 1 вели дека минатата година се направија сите истражувања на плоштадот и може да се започне со реконструкцијата. Додава дека без никаков проблем може да се направи партерно уредување на просторот.
Инаку Пецаков, неодамна најави многу проекти за поубав Охрид, дел од нив веќе се заполнати а дел ќе се спроведат во следниве месеци. Во најавата од градоначалникот се проекти во образованието, културата, спортот и екологијата, како и уште повеќе инфраструктурни проекти во канализации, асфалтирање и поплочување.
-Би ги издвоил целосната реконструкција на улицата „Гоце Делчев“, и реконструкцијата на плоштадот „Чинар“. Комплетно да ја менуваме атмосферската канализација, да изградиме велосипедска патека, паркинзи, нови тротоари како што доликува за Охрид. Проекти од заеднички интерес за сите. Раководењето на Охрид не е само инфраструктурата во градот и околните населени места, како улици и цевководи, што го сметам за редовна активност, туку и бара особено внимание за природата и културата, како Нацрт закон за Студенчишко блато, подготовка за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, дислокација на депонијата во Буково, изградба на прочистителни станици во селото Трпејца, Љубаништа и Горно и Долно Лакочереј, истакна неодамна Пецаков.
извор: Ohrid1.com