Турција: Реставрираната Моминска кула во Истанбул повторно блесна

По двегодишна пауза поради реставрација, синоќа свечено беше отворена познатата Моминска кула во Истанбул, една од најпрепознатливите знаменитости на најнаселениот град во Туркије, јавува Анадолу.

Моминската кула е свечено отворена со светлосна и ласерска проекција.

Со процесот на реставрација е отстранета додатната надградба што не беше во согласност со карактерот на кулата, а по двегодишна пауза, кулата од денес повторно е отворена за посетителите.

„Додека ги обновуваме култните градби, ја менуваме нивната функционалност, особено во туристичките региони, правејќи ги отворени за користење на граѓаните“, рече претходно турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, потсетувајќи дека кулата датира од 410 година пр.н.е.

Како резултат на работите, посетителите ќе можат да уживаат во непречениот поглед на Истанбул од дрвената тераса и скалилата на кулата.

Освен реставрацијата, со проектот се преземени и мерки на претпазливост против земјотреси.

Постојат голем број легенди за изградбата на Моминската кула и за нејзината положба. Според најпопуларната турска легенда, султанот имал една ќерка што многу ја сакал. Еден ден му било кажано дека неговата ќерка ќе умре од змиски отров на нејзиниот 18-ти роденден.

За да го спречи тоа, султанот ја сместил својата ќерка далеку од брегот на мал остров, каде што не можела да дојде ниедна змија. Принцезата живеела во кулата, која султанот ја изградил за својата сакана ќерка, и често ја посетувал.

На нејзиниот 18-ти роденден султанот ѝ подарил корпа со егзотично овошје како роденденски подарок, среќен што успеал да го спречи пророштвото. Меѓутоа, во корпата била скриена змија што ја каснала принцезата по што таа набрзо умрела во прегратките на нејзиниот татко. Поради тоа кулата се нарекува и Моминска кула.

Моминската кула е неизоставна локација за туристите од сите делови на светот, кои во милиони го посетуваат Истанбул. Повеќето од нив со задоволство ќе дојдат до брегот, од каде што има прекрасен поглед на Моминската кула, тука ќе испијат чај, ќе ги хранат галебите и ќе направат убава фотографија како спомен од ова прекрасно место.

Единствениот град на два континента, раскрсницата на Европа и Азија, мешавина од историското и модерното, Истанбул е метропола што остава без здив, без оглед дали станува збор за историјата, знаменитостите и активностите или уживањето во сите мириси и вкусови што ги нуди овој најголем турски град.

извор:Анадолу.
фото:Анадолу.