Осум загинати, илјадници евакуирани од поплавите во северна Италија

Најмалку осум лица загинаа, а илјадници се евакуирани по поројните дождови кои го зафатија северниот италијански регион Емилија Ромања, соопштија денес локалните власти, јавува Анадолу.

Обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на околу 21 река, поплавувајќи ги улиците и домовите и предизвикувајќи сериозни прекини во железничкиот сообраќај.

Министерот за цивилна заштита, Нело Мусумечи, соопшти дека најмалку 5.000 луѓе се евакуирани од подрачјето.

Вкупниот број на градови погодени од поплавите е 36, додека во 48 градови и села се регистрирани свлечишта.

Властите ги предупредија жителите на погодените области дека дождот ќе паѓа и во наредните 12 часа.

„Вонредната состојба не е завршена… спасувачките операции се комплексни и може да ги доведат спасувачите во опасност“, изјави Тити Постиљоне, заменик-шефот на италијанската Агенција за цивилна заштита, за националната телевизија РАИ.

Инаку, трката во Формула 1 којашто требаше да се одржи на патеката во Имола овој викенд, близу најтешко погодените подрачја, е откажана.

„Одлуката е донесена затоа што не е можно безбедно одржување на настанот за нашите навивачи, тимовите и нашиот персонал“, се вели во соопштението на организаторите на Формула 1.

„Не би било во ред да се стави дополнителен притисок врз локалните власти и службите за итни случаи во овие тешки моменти“, се додава.

Пред две недели во слични временски услови загинаа две лица и беше предизвикана голема штета во истиот регион.

Мусумечи истакна дека владата внимателно ја следи ситуацијата и веќе има издвоено 10 милиони евра за спасувачките операции.

Италија страда од долготрајни периоди на суша во последните години, но експертите велат дека и другите екстремни временски услови, како бурите и поплавите, исто така стануваат сè почести поради климатските промени.

Долготрајната суша ја прави почвата помалку способна од вообичаеното да впива дожд, зголемувајќи ја веројатноста за поплави.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.