„Куќата на цвеќето“ во Белград е дел од Музејот на историјата на Југославија, и е местото каде е погребан поранешниот доживотен претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Куќата се наоѓа на Дедиње, на улицата „Ботиќева“, а и денес е една од омилените туристички атракции во Белград.
Објектот го проектирал архитектот Стјепан Краљ, изграден е во 1975. година како зимска градина за потребите на тогашниот претседател на Југославија во непосредна близина на неговата резиденција. Додека Тито бил жив, куќата била позната под името „Цвеќара“ и служела како зимска градина со помошна канцеларија. Тито тука поминувал многу време додека престојувал во Белград, по разделбата со сопругата Јованка, од 1977 година до неговата смрт.
Објектот зафаќа површина од 902 квадратни метри и се состои од три дела: цветна градина во средината и два паралелни ходника од страните, додека од спротивната страна на влезот се наоѓа тераса со поглед на Белград. Покрај централниот дел со фонтана, околу биле простории за работа и одмор – работна и спална соба, салон, гостинска соба, библиотека.
По смртта на Тито на 4. мај 1980 година, зимската градина била преуредена во неговото последно почивалиште. Тогаш, фонтаната е отстранета од централниот дел и била изградена гробницата која изгледа како голема подземна просторија. Со оглед на популарноста на Јосип Броз Тито во тоа време, се сметало дека е несоодветно неговото последно почивалиште да се нарекува гроб или мавзолеј, па така настанало името „Куќата на цвеќето“.
Се до 4. мај 1992 година, почесна стража на гардата на ЈНА го чувала гробот на Тито, за да биде повлечена по распадот на СФРЈ. Во 1996 година донесена е законска одлука за укинување на меморијалниот центар „Јосип Броз Тито“ и припојување на куќата кон Музејот на историјата на Југославија.
Последната сопруга на Тито, Јованка Броз која почина во 2013 година, погребана е покрај својот сопруг.
„Куќата на цвеќето“ до денес ја посетиле околу 20 милиони луѓе.
porta3.mk