Припадниците на КФОР утрово се во Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица и Звечан со опрема за разбивање на демонстрациите. Насобраните Срби во Звечан бараат специјалната полиција да се повлече. Тие викаат „одeте си, одете се „ова е Србија“.
Косовската полиција утрово фрли солзавец кон вработените во општина Звечан кои во неколку наврати се обидоа да влезат во зградата.
Како што јави Радио-телевизија Србија, вработените во неколку наврати се обиделе да го пробијат кордонот на специјалните единици на косовската полиција стационирани пред влезот на зградата.
Вработените во таа општина претходно беа пропуштени од војниците на КФОР, кои од утрово се распоредени пред општинската зграда, вооружени и со опрема да ги разбијат демонстрациите.
Претставниците на Српската листа, Горан Ракиќ, Игор Симиќ и Драгиша Миловиќ пристигнале пред зградата и разговараат со претставници на косовската полиција, јавува РТС.
Според косовскиот портал Kоха.нет, Ракиќ и Симиќ поставиле две барања за заминување на демонстрантите од зградата на општина Звечан, каде што се собраа да протестираат.
Нивните барања се отстранување на косовската полиција од областа и оставка на новиот градоначалник избран на изборите на 23 април.
Овие барања беа изнесени на нивниот состанок одржан со командантот на КФОР кој е таму.
Во петокот, по обидите на граѓаните од северот на Косово да ја спречат полицијата да влезе во општинските простории во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, дојде до судири, во кои полицијата употреби солзавец, чад и шок бомби.
Неколку Срби беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и ги внесе албанските градоначалници, кои победија на неодамна одржаните избори, на кои излегоа вкупно 3,4 отсто од гласачите.
Изборите, кои беа бојкотирани од српските политички претставници на Косово, беа организирани од Приштина на крајот на април, откако Србите ги напуштија косовските институции во ноември минатата година.
Фото: Радио-телевизија Србија