Маријана допатува во Македонија поради болниот татко

По неполни четири години, Маријана Новачевска, сестрата близначка на Росана Сариќ- Тодоровска која повеќе од 30 години живее во Австралија, е повторно дома, во Македонија.

Маријана долги години не се занимава со музика јавно, но често знае да запее за своја душа, и тоа да го сподели со пријателите на социјалните мрежи. Редок феномен е што публиката никогаш не ја заборави, а нејзиниот глас ги има истиот квалитет и топлина како во времето кога со сестра си беа дуото Маријана и Росана.

Маријана избегнува да дава изјави за медиумите, но за „Слободен печат“ ја раскажа главната причина зошто е дојдена во Македонија, а тоа е нејзиниот татко кој во моментов, за жал, има здравствени проблеми.

– И покрај тоа што за 25 години никогаш не сум дала интервју, овој пат сакам да кажам дека сум овде најмногу за да си ги видам моите најмили родители, семејството на сестра ми и моите внучиња Ноах и Матео. Но, пред сѐ, да бидам покрај нашиот татко кој веќе неколку месеци има здравствени проблеми, и еве како еден немил настан може да ги наруши нашиот мир и спокој. Се надевам дека со Божја помош ќе го надминеме овој проблем – вели Маријана и додава:

– Кратко е времето да ги исполниме сите желби и очекувања до нашата публика од нас, ги молам сите за разбирање и воедно им благодариме на сите што ни изразуваат поддршка, љубов и почит. Се надевам дека на следното мое доаѓање повеќе ќе се дружиме – ни изјави Маријана.

Маријана во Мелбурн работи како медицинска сестра на Клиника за стоматологија.

На Фејсбук, таа е една од најведрите личности, и често споделува шеговити видеа и фотографии со оригинални описи, а најчесто се однесуваат на здравата исхрана и на физичката активност.
Инаку, во далечната Австралија често се дружи со пејачката Татјана Лазаревска и нејзиното семејство.

Маријана е горда мајка на Магдалена и на Филип, и среќна баба на Ива, ќерката на Филип и снаата Анастасија.

 

slobodenpecat.mk