Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој предизвика реакции во јавноста со донесувањето одлука за разрешување на директорот на Клиниката за кардиохирургија, Сашко Јовев, вчера (8.06) повторно предизвика бура со изјавата дека граѓаните на Косово и Албанија ќе се лекуваат во Северна Македонија по исти цени како македонските граѓани, објави DW.com.
„Косовските граѓани плаќаа двојно повисоки цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено доаѓаат за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, изјави министерот Меџити.
По критиките во јавноста дека домашниот здравствен буџет не може да издржи толкав товар, од Министерството за здравство појаснија дека изјавата на Меџити се однесува на изедначување на цените, но за приватно лекување во јавното здравство.
„Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги за странците со оние за македонските граѓани“, изјавија од Министерството за здравство за МИА.
„За овие промени не требаше никакви промени во Законот и дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена, на странските државјани им даваме право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што го промовираме јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава, конкурентна на пазарот на трудот“, објаснуваат од Министерството за задравство.
Три причини
Лекари со кои разговараше ДВ велат дека издначување на цените за приватно лекување на странци во јавното здравство не значи и негова конкурентност.
„За да зборуваме за конкурентност, треба да кажеме со какви просторни капацитети и со каква опрема располага јавното здравство, какви се условите во него, и колкав лекарски и медицински кадар го опслужува. По сите три прашања индикаторите се неповолни. Така што, конкурентноста, односно апсорпциската моќ за странски пациенти кои приватно ќе се лекуваат во јавното здравство, повеќе наликува на ‘делење на сиромаштијата’“, вели лекар од Клиничкиот центар.