Трамп се појави на судењето во Мајами и се изјасни за невин

0
91

Поранешниот претседател Доналд Трамп се изјасни за невин по обвиненијата за лошо постапување со доверливи документи за национална безбедност, откако ја напушти Белата куќа во 2021 година.

Поранешниот претседател се предаде на властите пред неговото прво појавување на суд, кое започна во 15 часот под силно обезбедување во федералната судница во центарот на Мајами.

Федералните власти ја зајакнаа безбедноста околу зградата на судот, а властите во Мајами велат дека се подготвени да се справат со протестите до 50.000 луѓе.

„Во нашиот град, ние очигледно веруваме во Уставот и веруваме дека луѓето треба да имаат право да се изразуваат“, рече градоначалникот на Мајами Френсис Суарез на прес-конференција во понеделникот.

„Но, ние исто така веруваме во законот и редот. И ние го знаеме тоа и се надеваме дека утре ќе биде мирно“.

До денес утрово, немаше извештаи за насилство пред појавувањето на Трамп во судот.

Обвинението против Трамп доаѓа пет дена откако федералната голема порота во Мајами го обвини по 37 кривични точки, вклучително и 31 точка во кои се обвинува дека „намерно ги задржал“ доверливите документи за национална одбрана што го прекршува Законот за шпионажа. Секоја точка предвидува максимална казна затвор до 10 години.

Обвинението го именува Волт Наута, помошник на Трамп, како соучесник во случајот, обвинувајќи го за шест точки, вклучително и за опструкција.

Трамп е првиот поранешен претседател кој се соочи со федерално обвинение. Ова е вторпат за два месеца да биде обвинет.

На сослушувањето, судијата го информираше Трамп за неговите права и ги прочита обвиненијата против него.

Случајот е доделен на судијката Ејлин Канон, назначена од Трамп, која предизвика критики за фаворизирање на поранешниот претседател во нејзините пресуди за случајот минатата година, објави mk.voanews.com.

Канон накратко ги блокираше федералните истражители да ги испитаат документите запленети од одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп минатиот август и назначи специјално лице да ги прегледа. Но, апелациониот суд подоцна ја поништи нејзината пресуда, велејќи дека таа нема овластување да одлучува како што одлучила.

Обвиненијата против Трамп произлегуваат од истрагата што започна откако Трамп, наводно, ги отфрлил повторените напори на Националниот архив да ги земе документите што Трамп ги зел од Белата куќа и ги чувал во Мар-а-Лаго.

Федералното обвинение го обвинува Трамп за 31 точка за „намерно задржување“ на доверливи информации за националната одбрана, секоја за различен документ што го зел од Белата куќа.

Дваесет и еден од тие документи беа меѓу повеќе од 100-те што ФБИ ги откри за време на претресот на Мар-а-Лаго минатиот август.

извор: mk.voanews.com